Во Чешка живеат 850 лица кои имаат 100 години

Според податоците на Чешкиот центар за социјални грижи бројот на долговечни луѓе, кои имаат 100 и повеќе од сто години во земјата постепено се зголемува, јави дописникот на МИА од Прага.

Како што информираше ЧССЗ, во Чешка живеат 850 стогодишни лица, од нив 712 жени и 138 мажи. Пред три години, во јуни биле евидентирани 686 лица кои веќе го прославиле својот 100. роденден.

Најстарата Чехинка е родена во 1904, додека најстариот маж една година подоцна.

Географски, најмногу стари луѓе има во главниот град, вкупно 144, од нив 117 жени и 27 мажи.

Демографските анализи покажуваат дека чешкото општество старее и статистичарите предвидуваат дека во средината на векот во земјата ќе има речиси 13.000 стогодишници и постари луѓе, а во 2065 година нивниот број би можело да изнесува 19.700 луѓе.

Се очекува меѓу нив и понатаму да доминираат жените. Стодишниците во Чешка, од нивниот 100-ти роденден добиваат пензија зголемена за 80 евра. 

најчитано сега