Во Куманово се одбележува Детската недела
Во Куманово денеска почна одбележувањето на Детската недела што годинава се организира под мотото „Детски права за наше детство“.
Во општината беше организиран прием за децата и за претставниците на Здружението за грижи и воспитување на децата.
- Доколку ги почитуваме правата на децата, тогаш може да очекуваме здрави и среќни деца кои не треба да забораваме дека се нашата иднина. Како здружение даваме препораки до наставниците да организираат активности со кои ќе се одбележи детската недела која традиционално се прославува првата полна недела од октовмри, изјави претседателката на Здружението за грижи и воспитување на децата, Виолета Стошевска.
Градоначалникот Зоран Дамјановски потенцира дека Куманово е една од од оние општини која има постојан раст на младо население.
- Куманово е град на младоста. Во општината има околу 25.000 деца, вклучително во основните и средните училишта. Силата на Куманово е во младоста, во децата и токму тука треба да се гледа иднината и просперитетот на овој град, истакна Дамјановски.
Тој потсети дека како општина вложуваат во инфраструктурни проекти со кои се подобрува квалитетот на образованието, но и во спортски терени и игралишта за што сведочат освоените медали и постигнатите успеси на учениците на училишните спортски натпревари.
Неделата на децата во Куманово ќе се одбележи и со ликовни творења, поетски читања, литературни конкурси, шаховски турнири, а најмладите од градинките ќе организираат „Игри без граници“. На последниот ден од Детската недела, децата од предучилишните установи стануваат членови на детската организација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа