ГЕРБ на Бојко Борисов победи на предвремените парламентарни избори во Бугарија

Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов освои 32,60 проценти од гласовите на вчерашните предвремени парламентарни избори во Бугарија, соопшти денеска бугарската Централна изборна комисија (ЦИК) според податоците од 97,19 проценти од преброените гласови.

На второ место е коалицијата предводена од социјалистите - „БСП Лева Бугарија“ со освоени 15,34 отсто, пред Движењето за права и слободи (ДПС) со 14,79 проценти,  Реформаторскиот блок со 8,92 проценти и Патриотскиот фронт 7,30 отсто.

Коалицијата „Бугарија без цензура“ освоила 5,69 проценти од гласовите, националиситчката партија „Атака“ 4,53 отсто и Алтернативата на бугарслкиот равој (АБВ) 4,16 отсто. „Движењето 21“ освои 1,21 отсто од гласовите, а партијата Глас Народен - 1,18 отсто, информира ЦИК.

Сите останатите партии и коалиции освоиле под еден процент од гласовите на избирачите.

Откако беше јасно дека неговата десничарска партијја ГЕРБ извојува победа на изборите, Борисов синоќа изјави дека е подготвен да го преземе „секој ризик“ во врска со формирањето влада.

- Во овие околности не гледам како може да се формира влада, рече Борисов, но додаде дека сепак е подготвен да „преземе ризик“ и да ја предводи земјата.

Портпаролот на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Атанас Мерџанов изјави дека е ова тежок пораз за социјалистите и смета дека тоа е резултат на разочараноста на граѓаните.

Според овие проценки, Бугарија најверојатно повторно ќе има коалициска влада. Официјалните резултати од изборите се очекуваат денеска.

Бугарите вчера избираа 240 пратеници на новиот состав на Парламентот меѓу 6.063 кандидати, вклучувајќи ги и оние кои истовремено се кандидираа во две изборни единици, кои беа номинирани од вкупно 56 политички партии.

Ова ќе биде петата бугарска влада во последните две години, во текот на кои земјата се соочи со масовни улични протести и незадоволство.

Заради разочараните граѓани, излезноста на овие избори беше под 50 отсто, најмала за последните 25 години, од кога во Бугарија беше сменет комунистичкиот режим.

Борисов во текот на вчерашниот ден изјави дека изборите се „последната шанса“ за спас на Бугарија и предупреди дека доколку новата влада не биде формирана и повторно се  распишат предвремени избори, нема да остане ништо што би ја оддржало земјата. 

 

06.10.2014 - 13:54


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега