Канческа-Милевска на Третиот светски форум за култура и културни индустрии

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска  во Фиренца учествува на Третиот светски форум за култура и културни индустрии, на тема „Култура, креативност и одржлив развој. Истражување, иновација и можности“.

- На овој еминентен собир кој е во организација на УНЕСКО, Италијанската Влада, регионот Тоскана и општината Фиренца, министерката за култура Канческа-Милевска ќе има официјално обраќање како клучен говорник на темата „Културата движечка сила за развој-искуства на Македонија“. Канческа-Милевска ќе се осврне на важноста на културата како активен фактор на развојот на индивидуално, локално, национално, регионално и глобално ниво, како и за културната политика на Република Македонија која е во функција на севкупниот општествен развој, соопшти Министерството за култура.

Министерството информира дека на тридневниот форум присутните ќе дебатираат и за местото и интегрирањето на културата во Агендата за развој на Обединетите нации по 2015-та година, како и за потребата од координирано и планско дејствување на секторот култура со другите релевантни сектори во државата–економија, финансии, локална самоуправа и заштита на околината.

- Меѓу останатото, на конференцијата ќе стане збор и за други особено важни теми, како што се културата и креативноста, културните индустрии, вработувањето и растот, иновацијата, технологијата и предзнаењата за одржлива иднина, моќта на културата во насока на создавање инклузивни општества и друго. Во рамките на форумот ќе биде организирана и тркалезна маса посветена на заштитата на културното наследство на која ќе бидат презентирани успешните примери од соработката на Италија и УНЕСКО. Конференцијата завршува во сабота со усвојување декларација,  наведува Министерството за култура. 

03.10.2014 - 10:53
Фото: 
денешен

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа