Македонија ја губи препораката за старт на преговорите?
Македонија ќе остане без препораката за отпочнување на преговори со Европската унија, јавува Алфа повикувајќи се на дипломатски извори. Телевзијата јавува дека се води голема битка во рамките на комисијата, уште во нацрт-извештајот што во моментов се подготвува, да биде целосно повлечена препораката, која инаку Македонија ја добива пет години по ред. Причина, според дипломатите, сега не е само спорот со името и притисокот од Грција, туку тоа е цехот што ќе треба да го плати државата поради бојкот на опозицијата на Парламентот и целосното отсуство на политички дијалог.
Доколку оваа најава се оствари, и препораката навистина биде повлечена и во официјалниот извештај што треба да биде објавен на 8 октомври тоа ќе биде сериозен удар врз угледот на Македонија, не само во рамките на Европската Унија, туку и пошироко. Може да има сериозни последици врз сите процеси во државата, пред се врз економијата.
„Потребата од партиципација на опозицијата во процесите во државата, првенствено во работата на Парламентот, е многу поважна од било која реформа во судството или во образованието“ вели дипломатскиот извор на Алфа.
Западните дипломати веќе подолго време ги искажуваат своите критики за одлуката на СДСМ за бојкот и во неколку наврати апелираа тие да се вратат и да започнат дијалог со власта, но очигледно засега никој не ги сфати сериозно овие пораки.
Во моментов, политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата е целосно блокиран. ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати ја повика СДСМ на разговори, но добива само негативен одговор. СДСМ прифаќа разговори само за техничка влада, нешто што дури наиде на критика и кај западните земји. Се очекува кон крајот на октомври, оставките на пратениците од оваа партија да бидат конечно констатирани.
29.09.2014 - 16:16
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа