СОНК не гарантира за плати за наставниците кои ќе штрајкуваат

Во услови на штрајк за поголеми права, дневниците за наставниците кои што штрајкуваат ги покрива СОНК, предвидува Колективниот договор за вработените во образованието.

Имено, согласно Колективниот договор усогласен со синдикатите, донесен пред неколку години член 51, став 2 се утврдува дека наставниците кои ќе се одлучат да штрајкуваат нема да им биде исплатено плата за времето на неработење, односно ќе им бидат исплатени само придонеси. Оттука прашање е дали СОНК, кој повикува на штрајк ја превзема обврската да им исплати на наставниците.

Од институциите уверуваат дека родителите можат да бидат спокојни оти наставата ќе се одржи со заменски наставници кои ќе ги заменат нивните колеги кои се одлучиле на штрајк со цел учениците да не го прекинуваат образовниот процес. Тоа е предвидено со правната регулатива според која  наставата нема да биде прекината поради штрајк со цел нејзин целосен застој и злоупотреба на децата.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков прашан за тоа дали СОНК ќе ги плати платите на наставниците, вели штрајкот што го планираат нема за цел само зголемување на правата.

- Да точно. Во Колективниот договор е регулирано за време штрајк кој ги плаќа трошоците, односно дневниците за време на штрајк.  За зголемување на правата дневниците паѓаат на терет на организаторот, меѓутоа ако се штрајкува за права коишто се кршат согласно закон, Устав, меѓународни конвенции итн., работодавачот е обврзан да ги плати дневниците. Во овој случај ние освен што имаме барања коишто ги зголемуваат правата на работниците, условно кажано зголемување на плати итн., имаме и барања коишто континуирано ги упатуваме до ресорните министерства, право по закон за социјален дијалог и партнерство. Ние се обидуваме повеќе од 2,5 месеци, значи три месеци да седнеме на преговарачка маса и онака како што доликува на два социјални партнери да ги решиме проблемите. Меѓутоа од другата страна, од страна на ресорните министерства наидуваме на затворена врата, вели Неделков.

Со тоа, вели Неделков, ценат дека е прекршено нивното право за социјален дијалог.

- Со тоа нашето право за социјален дијалог е прекршено, укинато и цениме дека ние сме приморани да влеземе во штрајк за одбрана на нашите права за социјален дијалог. Тоа е спротивно на законот, како што реков, и сите последици, односно сите материјали трошоци во врска со штрајкот ќе си паднат на терет на ресорните министерства, вели Неделков.

За тоа дали ќе се кандидира за реизбор на функцијата, Неделков вели дека изборите на СОНК, ќе бидат после една година и еден месец и оти со оглед на процедурата за распишување на избори и критериуми за тоа кој ќе се кандидира за претседател или за другите органи, е прерано да се изјасни за тоа. Појаснува дека кандидатот за претседател сам не може да се предложи, туку тоа треба да го направи членството според утврдена процедура.

Во меѓувреме денеска против штрајкот најавен за в понеделник се изјаснија уште неколку синдикати, меѓу кои три гранкови синдикати - Синдикатот за администрација и државна управа на Македонија, Самостојниот синдикат на работниците од енергетиката, рударството и индустријата и Синдикатот за транспорт и врски кои се дел од Конференцијата на слободни синдикати.

- Наместо консулатции и дијалог најпрво низ телата на синдикалната организација во која сите ние членуваме - КСС, а потоа и продолжување на дијалогот со Владата како најефективно средство за надградба и унапредување на работничките права, претседателот на СОНК се одлучи за заобиколување на сите правни механизми и директно наметнувајќи ја идејата за остварување на личните амбиции и задржување на актуелната позиција преку негов реизбор во престојниот период, тој посегна по правото на децата на образование, рече генералниот секретар Љубе Стојковски.

Според него, со повикот на СОНК до учениците на 29-ти септември да не одат на училиште, Неделков веќе создал конфузност, но и огорченост кај најголем дел од наставниците, родителите и самите ученици, кои, како што истакнува, никако не треба да бидат подлога за политичко и материјално профитерство. Стојковски со апел до раководството на СОНК

- Апелираме до раководството на СОНК конечно да се вразуми, да прекине со овој циркус, кој го создаде, додека не се предизвикаат уште поголеми последици по воспитно-образовниот процес на учениците во преден план и конечно уште поголеми последици во целиот образовен систем во земјата, оценува Стојковски.

Тој додава дека претседателот на СОНК Неделков мора да ја промени тактиката на делување, изразена преку, како што вели, притисок и закани врз своите членови кои не го поддржуваат штрајкот.

- Тоа може да се постигне единствено преку социјален дијалог, кој сите ние гранкови синдикати, вклучително и СОНК,  досега сме го применувале и сме сведоци на постигнатите резултати, кога функционираше социјалниот дијалог на највисоко ниво и сите проблеми се решавале и сметаме дека тоа е единствениот начин за решавање на сите проблеми од социјаланта свера, исклучиво преку социјален дијалог да се дојде до решение, рече генералниот секретар Стојковски.

И синдикалните организации во Радовиш застанаа против штрајкот. 

- Во врска со најавениот генерален штрајк на СОНК во понеделник, после опсежните анализи и размислувања, синдикалните организации во основните и средните училишта на СОНК од Радовиш кои припаѓаат под регион Струмица, се со заеднички став дека штрајкот во овие синдикални организации е непотребен. Штрајкот во Радовиш нема да се одржи во интерес на учениците и родителите, рече Спасо Ангелов, претседател на Основната синдикална организација при ОУ „Орце Николов“, с. Инево, Радовишко. 

26.09.2014 - 15:38

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега