Министерот за економија на средба со новиот кинески амбасадор

Министерот за економија Беким Незири денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на НР Кина Вен Зеншун. Во фокусот беше продлабочувањето на веќе воспоставената економска соработка меѓу двете земји.

Како што соопшти Министерството за економија, Незири предложи скорешно одржување седница на Мешовитата комисија согласно Договорот за економска, техничка и трговска соработка како добра можност за продлабочување на економската соработка. Оваа седница би била начин двете страни директно да ги презентираат можностите за соработка и потенцијалите на актуелните проекти од областа на енергетиката, минералните суровини, туризмот и други инфраструктурни проекти.

Кина е значаен трговски партнер на Република Македонија и од тој аспект заемната поддршка на дополнително избраните три круцијални проекти ќе придонесе за остварување на главните цели - инвестиции, трговија и извоз, истакна Незири.

Планирано е оваа седница на Комисијата да се одржи до крајот на 2014 година, најдоцна до првиот квартал на 2015 година.

Според Незири, промоцијата на туристичките потенцијали се важен сегмент за Република Македонија, па оттаму интересот земјата што подобро се прикаже во Кина, да се поттикнат кинеските граѓани да дојдат и да се запознаат со нашата туристичка култура, традиција, места,... Кина е во топ трите дестинации за наша туристичка промоција.

На средбата беше укажано дека инвестициите од Кина и ангажирањето на кинеските експерти во различни приоритетни области се битни за македонската економија, за остварување подобар раст, така што за сите форми на соработка треба отворено да се разговара и во најбрз рок да се изнајдат начини за реализирање на поставените цели.

26.09.2014 - 14:05

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега