Кампања: „Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар“

Во Општина Велес денеска ќе се одржи стручен состанок со кој ќе се означи почетокот на кампањата за зголемување на свесноста за рационална употреба на антибиотици, што се одбележува под мотото „Антибиотиците не се храна за да ја одбираш без лекар. Секоја непотребна примена ја намалува нивната ефикасност“.

Стручниот состанок ќе го отвори д-р Јованка Костовска од Министерство за здравство, а свои излагања ќе имаат д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција, проф. д-р Никола Пановски од Медицински факултет, м-р Кристина Христова од ФЗОМ и други.

Во рамки на кампањата, во наредниот период ќе се одржат девет двочасовни едукативни семинари што ќе се организираат еднаш седмично во периодот од 26 септември до 27 ноември оваа година и тоа во Охрид (9 октомври), Прилеп (16 октомври), Битола (17 октомври), Тетово (23 октомври), Штип (30 октомври), Куманово (6 ноември), Скопје (14 ноември), Кочани (20 ноември) и Струмица (27 ноември).

Целта е едукација на граѓаните и здравствените работници на локално ниво за превенција на нерационалната употреба на антимикробните средства и намалување на ризикот од антибиотска резистенција (АМР).

Кампањата се реализира во соработка на мултисекторската комисија за следење на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“, со финансиска поддршка од  Светската здравствена организација и Владата на Кралството Белгија.

26.09.2014 - 12:22

 


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега