Расте нивото на реките во Германија и Австрија

Нивото на реката Елба во источните делови на Германија продолжува да расте и денеска во Дрезден достигна до 8,43 метри.

Локалните власти предупредуваат дека водата во Елба до утре че се искачи на 8,80 метри, а може да стигне и до 9,40 метри, како што се случи за време на „големата поплава“ во август 2002 година.

Реката Зале поплави неколку улици во градот Хале, а предизвика и прекин во снабдувањето со електричната енергија и со гас. Жителите од неколку квартови се подготвуваат за евакуација.

Во Битерфелд отстранет е дел од браната, со цел да се намали притисокот на водата, но тоа не дало резултат.

Се влошува и ситуацијата во провинцијата Бранденбург, во околината на Берлин,каде нивото на Елба во реонот Елба-Елстер е над осум метри. Водата се излеала од браната на реката Шварце Елстер во близина на градот Херцберг.

Состојбата во германската јужна провинција Баварија постепено се нормализра, а нивото на водата во реките почна да се намалува и провинцијата Баден-Вуртемберг.

Состојбата по поплавите во Австрија и денеска е критична и покрај намалувањето на нивото на Дунав во повеќе делови на земјата.

Во текот на ноќта во местото Грајн на Дунав првпат од поплавите, кои најпрво ги зафатија северните и западните делови на земјата, забележан е пад на нивото на оваа река. Меѓутоа загриженоста и натаму владее околу Кремс во покраината Долна Австрија, каде има опасност од уривање на една од браните за заштита од поплави.

Во многу делови од Австрија и натаму се затворени голем број патишта, кои се под вода, а меѓу нив е и еден подвозник во Виена, во кој се излеа канал на Дунав. 

Во Горна Австрија изминатите денови во спасувачките операции се ангажирани  околу 26.000 пожарникари, кои спасија повеќе од 220 лица и 2.600 животни. 

Водостојот на Дунав, кај Кронојбург, покрај Виена достигна 7,92 метри, што е повеќе од 2002 година, кога се забележани последните поголеми поплави во Австрија (7,89). 

Водостојот на Дунав, според прогнозите и натаму ќе расте, а кулминацијата се очекува вечерва. 

најчитано сега