ДУИ денеска одбележува 11 години постоење
Денеска Демократската унија за интеграција одбележува 11 години од своето постоење.
Годишнината ќе биде одбележана со свечената седница на Централното претседателство. На седницата претседателот Али Ахмети ќе има краток осврт за главните цели и постигнувањата на партијата во изминатите 11 години.
Генералниот секретар на партијата, Абдулаќим Адеми информира дека со оглед на тоа дека не станува збор за јубилејна година од формирањето на партијата нема да има друга поголема манифестација.
- Од своето формирање во 2002 година за ДУИ има три главни столбови за дејствување - спроведување на Охридскиот рамковен договор, интеграција на Албанците во државните институции и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Наша оценка е дека и за трите цели имаме постигнато многу позитивни работи. Истовремено, голем придонес сме дале и во повеќе други области и проекти од интерес како на Албанците така и на државата, меѓу кои се легализацијата на државниот Универзитет во Тетово, отпочнувањето на процесот на децентрализација на локално ниво, културата и слично, рече Адеми.
- Иако, генералната оценка е дека многу од целите се постигнати, има уште напорна работа пред нас бидејќи критериумите и за живот и за политичко дејствување постојано се менуваат и ние мора да се прилагодиме на нив, додаде Адеми.
ФОТО: Засе.мк