Неповолните временски услови го поскапеа медот

Годинашните неповолни временски услови со променливи температури и постојани обилни врнежи драстично го намалија производството на мед поради што пчеларите најавуваат повисоки цени. Наместо 250 до 280 како досега, килограм ќе чини 300 денари.

Медот во саќе достигна 400 денари, а органскиот 500. Во западна Македонија цената е уште повисока, до 350 и 600 денари во Тетовско и Дебарско.

- Цената на медот ќе се зголеми. Побарувачка од пакувачите има и ние не можеме да ја задоволиме нивната потреба. И количините што ги бараат сталните купувачи не сме сигурни колку ќе ги издржиме, изјави денеска претседателот на Здружението на одгледувачи на пчели „Матица“ Павле Бошкоски пред почетокот на 10. Денови на македонскиот мед.

Сепак е извесно дека во Скопје и другите поголеми градови ќе останат цените од 300 и 600 денари колку што се продава медот сега, на манифестацијата.

Според Бошкоски, иако годинава не е најплодоносна, мед за потребите на домашниот пазар ќе има, но не и за извоз.

- Количините мед се во граници на ланските. За тоа придонесоа подобрувањата на условите во август до кога размислуваме дека годинава ќе биде една од најсиромашните. За среќа, ситуацијата се подобри особено во високите краишта на Македонија каде има даб и бука, рече Бошкоски.

Негова оценка е дека и покрај проблемите годинава, пчеларствто бележи раст. Во оваа насока од голема помош се субвенциите што ги обезбедува државата.

- За оваа година се предвидени по 600 денари субвенции за презимено пчелно семејство доколку производителот има најмалку 35 пчелни семејства. Во делот на органското производство, поддршката е 30 отсто повисока. Со Програмата за рурален развој, пак, се поддржува набавка на пчелни матици од регистрирано одгледувалиште, како и подигнување нови насади со медоносна флора, нагласи државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари.

Согласно статистиката од минатата година, во Македонија има 68.000 пчелни семејства. Просекот на произведен мед по семејство е 11,5 килограми со вкупно годишно производство од речиси 780 тони.

Манифестацијата „Денови на македонскиот мед“ се одржува на улицата „Македонија“ во Скопје и ќе трае до 27-ми овој месец. Ја организира Здружението „Матица“ со поддршка на Општина Центар и под покровителство на Министерството за земјоделство.

Годинашната, јубилејна, почна со дефиле и настап на дечињата од детските градинки од Општина Центар. 

25.09.2014 - 13:50


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега