Проблеми за ДУИ: Во Пошта крадел кој стигнал

Финансиската полиција откри нови злоупотреби со тендер во Јавното претпријатие „Македонска пошта“, каде што изминативе години крадел кој како што ќе стигнел. Во последната малверзација, надлежниот за јавни набавки и магационер во „Пошта“ му овозможил на сопственик на приватна фирма да добие тендер, кој тој не само што не го испочитувал, туку и противзаконски ќарил 25.000 евра. Ова е уште еден од серијата скандали поврзани со работењето на претпријатието, кое е во државна сопственост. Пред само неколку недели беа поднесени пријави против двајца вработени во претпријатието и двајца газди на приватни фирми. И во тој случај беа откриени дубари со тендер вреден речиси четири милиони денари, пишува Утрински

Во најновата малверзација, која денеска ја обелодени Финансиската полиција, пријави се поднесени против три лица. Првоосомничен е вработен во Службата за јавни набавки во „Македонска пошта“, 34-годишниот А.Ф., кој во 2012 година му помогнал да управителот на фирмата „Аспект плус“ од Скопје да добие тендер за набавка на фотокопирна хартија.   „Според сознанијата со кои располага Финансиската полиција, тој обезбедил мостра на фотокопирна хартија од познат производител и на Комисијата за јавни набавки и' дал устен налог да изготви техничка спецификација идентична на обезбедената мостра. Со тоа директно влијаел при донесување на одлуката за избор на најповолен понудувач“, велат од Финансиската полиција.   По завршување на тендерската постапка, со фирмата „Аспект плус“ е склучен договор за набавка на фотокопирна хартија од типот „Навигатор“. Но, тука не завршила приказната. Надлежниот за набавки во „Пошта“, иако знаел дека треба да се набават 25.000 топа фотокопирна хартија од типот „Навигатор“, му наложил на магационерот Х.А.(28), кој бил задолжен да врши контрола на приемот на стоки во магацинот, да прими 19.000 топа хартија со понизок квалитет и цена од онаа која требало да биде набавена со тендерот. Управителот на фирмата иако знаел дека испорачал хартија со понизок квалитет, сепак на „Македонска пошта“ и' фактурирал хартија со висок квалитет која никогаш не ја набавил. Со тоа го оштетиле јавното претпријатие за речиси 25 илјади евра.

 

Досието за злоупотреби во „Пошта“ речиси секојдневно се полни со нови кривични пријави. И државните ревизори во почетокот на годинава утврдија дека во „Македонска пошта“ не се работело во согласност со законот, што го доведува во прашање опстанокот на оваа компанија. „Пошта“ само во изминатите две години била оштетена за 3,6 милиони евра од кражби, како и од проневери на вработените, со години не доставувала финансиски извештаи до Владата, а во големиот пожар кој изби лани во јануари и за кој се води судски процес, изгорела документација и е причинета значителна материјална штета. 

24.09.2014 - 22:29


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега