Поповски смета дека на Скендербег и Хасан Приштина местото им е во Скопје, на Ќосето и Сугарев не
Коментирарајќи го поставувањето на новите споменици во Скопје, професорот Владо Поповски смета дека на Ѓорѓи Сугарев и на Андон Јанев- Ќосето местото не им било во Скопје, додека од друга страна целосно го оправдува поставувањето на спомениците на Хасан Приштина и Скендербег во главниот град.
Поповски во интервјуто за НОВА ТВ вели дека местото на Андон Јанев-Ќосето и Ѓорѓи Сугарев не им е во Скопје, додавајќи дека Ќосето бил ликвидатор и сериски убиец, додека споменикот на Сугарев не требало да биде поставен во Скопје, туку во Битола. Според Поповски, Ќосето пред да биде примен во ВМРО “убивал без причина“, а по примањето во организацијата ги следел нејзините правила.
Професорот Поповски од друга страна смета дека местото на спомениците на Хасан Приштина и Скендербег е во Скопје. Според него, Скендербег за албанската национална историја е важен затоа што успеал да ги обедини расцепканите државички и Албанците да се спротивстават на Османската империја.
-Скендербег е една фигура која ги надминува тесните национални рамки на албанската историја и постанува дел од таа историја дел на европската историја. На Балканската во секој случај. Тоа негово значење апсолутно ги дежавуира сите помисли кои тргнуваат со стереотипи и предрасуди кон Скендербег. Тоа е една општа личност и неговото движење е на широк план, вели Поповски, нагласувајќи дека тој е значајна личност за Европа, за Христијанството во Европа, бидејќи тој се борел против продорот на Османската империја.
За Хасан Приштина, Поповски вели дека е национален водач на албанскиот народ за национална слобода и за автономија на Албанија.
- Тој е предводник на големите албански востанија кои почнуваат од 11-та и 12 година против Османската Империја, а за создавање на албанска држава. Лик како што е Хасан Приштина во Скопје ја врзува врската прво поради почитта на Албанците кон него, а Македонците исто така треба да го почитуваат делото на Хасан приштина бидејќи тој ја респектира Македонија и нејзиното движење за создавање македонска држава, вели Поповски.
За разлика од Поповски, останатите историчари се согласни дека Андон Јанев Ќосето имал голем придонес во македонската револуционерна борба кон крајот на 19 и почетокот на 20.век.
Историчарот Никола Жежов вели дека Ќосето бил ценет војвода и човек од доверба кој уште од најмали години се вклучил во македонското револуционерно движење. Најпрво соработката со организацијата започнала преку Даме Груев како член на ЦК. Наредбите што ги изрекувала организацијата за евентуални казнувања и смртни пресуди на шпиони, предавници и претставници на најразлични балкански пропаганди врз Македонија во тој временски период ги извршувал токму Ќосето, посочи Жежов.
- Тоа што Ќосето го извршувал, односно евентуални смртни пресуди била изречена од самиот ЦК на ВМРО. Покрај Даме Груев лично со Ќосето соработувал и му давал наредби Христо Татарчев -првиот пртседател на ЦК на ВМРО. Подоцна кога Ќосето станал комита и војвода неговата соработка била огромна и со Гоце Делчев, дури во моментите кога Ќосето ги запишувал своите спомени и му ги пренесувал на еден бугарски историчар кога зборувал за Гоце Делчев плачел како мало дете и тоа на 70-80 годишна возраст. Тој имал извонредна соработка и со војводата Јане Сандански, неговото учество не е само во ликвидации на предавници и шпиони туку учествувал и во разни киднапирања на претставници од турската власт за кои подоцна организацијата побарувала паричен откуп и на тој начин доаѓала до парични средства, потенцираш Жежов.
Околу кампањите за оцрнување на ваквии големии историски имиња, историчарот Жежов, смета дека за тоа делумно придонесува фактот што досега во Р.Македонија многу малку пристигнувало литература за ваквите војводи, кои, како што рече, и се недоволно познати на македонската јавност.
Стручната јавност потсетува дека Ќосето учествувал во Илинденското востание, а своја чета имал во југоисточниот дел на Македонија. Професорот Ванчо Ѓорѓиев вели дека критиката на делувањето на Ќосето се должи на некомпетентност и непознавање на сопствената историја.
-Се работи за инсинуации кои доаѓаат од некомпетентни луѓе. Тие не ја познаваат ниту историјата на организацијата, ниту нејзините цели. Ќосето десет години посветил на македонската револуционерна борба. Човек кој е од доверба на Централниот комитет на организацијата. Ангажиран е од благајникот и можеби најагилниот човек на организацијата Даме Груев, потоа на Христо Татарчев и на Гоце Делчев. Андов Ќосето бил целосно под инструкции на Гоце Делчев. Учествува во безброј акции кои ги извела македонската револуционерна организација, од прибирање материјални средства, за одбрана на членството, за заштита на населението од разни насилници и натрапници во тоа време. Тој делува не само против османлиската власт туку и против останатите пропаганди во Македонија. Ќосето бил целосно и до крај посветен на организацијата. Ако одиме по логиката на девалвација на делото на Ќосето треба во ист кош да ги ставиме сите револуционери од 1903 и борците од 1941 до 1944, посочи Ѓорѓиев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа