Бесими очекува нова препорака за преговори од ЕК
Проширувањето останува дел од агендата на ЕУ. Наше е да се фокусираме на реформите и максимално да придонесеме за натамошен прогрес на евроинтеграцискиот процес, рече денеска вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими на средба со новинарите, пренесува МИА.
- Со реформите и реализирањето на предвидените приоритети ние сме посветени на членството во ЕУ кое останува наш врвен приоритет, истакна Бесими.
Според него, извесно е дека за време на мандатот на новата Европска комисија предводена од Жан Клод Јункер нема да има нови членки зашто преговорите обично траат пет до 15 години. Сепак, последните активности во однос на Западен Балкан, како што беше и конференцијата во Берлин, укажува дека регионот е дел од агендата на ЕУ.
- Кој било состав на Европската комисија може да одредува приоритети, но не и да ги менува основните постулати, подвлече Бесими.
Одговорајќи на новинарски прашања, Бесими рече дека спорот за името со Грција, поради кој Атина ја блокира евроинтеграцијата на Македонија, останува да се реши во рамки на ОН.
- Во секој случај се очекува поинтензивен дијалог за надминување на спорот. Важно е во претстојниот извештај на ЕК повторно да има препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, рече Бесими.
Денешниот брифинг е дел од редовните средби на вицепремиерот со новинарите, а се одржува дваесеттина дена пред објавувањето на новиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа