Охрид со мировен марш ќе го одбележи Меѓународниот ден на мирот

 

 

Со Мировен марш што е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден локалната самоуправа и Општинската организција на сојузот на борци од Охрид ќе го одбележат 21 Септември, Меѓународниот ден на мирот.

Учесниците во Мировниот марш во 11 часот ќе тргнат од пред старата дирекција на „Гранит“, а централната прославата ќе се одржи на плоштадот „Св.Климент Охридски“ каде ќе се положи цвеќе на бистите на паднатите борци и илинденци во Градскиот парк, ќе се прочита пораката на генералниот секретар на ООН Бан Ки-Мун и ќе се обратат заменик-градоначалникот Ангел Јанев и  потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебарца, Никола Стефаноски.

Во рамки на одбележувањето на Денот на мирот ќе се вклучат и ученици од основните училишта од градот, актерите од охридскиот Народен театар и учесници на детскиот фестивал  „Распеано рибарче“ со културно-забавна програма.

Во 2001 година Генералното собрание на Обединетите нации донесе Резолуција со која се повикуваат сите држави членки на ОН, регионални и невладини организации и индивидуи да го одбележат на соодветен начин Меѓународниот ден на мирот, вклучувајќи ја тука воспитната и јавната свест, во иднина да се прославува 21 септември како Светски ден на мирот и глобален прекин на огнот и насилството и да претставува покана до сите нации и луѓе да го одбележат и да прекинат со насилствата за време на траењето на тој ден.

Централниот настан по повод празникот ќе се одржи во седиштето на ООН во Њујорк. На церемонијален начин точно на пладне генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун ќе даде знак за едноминутно молчење точно во 12 часот.

Светската федерација на ветераните овој ден го промовира во светски Марш што се одржува насекаде во светот под мотото „Ветераните чекорат за мир“. Сојузот на борците на Македонија како член на Светската федерација на ветераните шеста година е носител и организатор на овој Марш на мирот во нашата земја.

18.09.2014 - 12:17


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега