Ердоган до Груевски: Во Турција секогаш имате пријател
Премиерот Никола Груевски, денеска во Анкара се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. На средбата двајцата соговорници ги констатираа добрите политички и економски односи, како и можностите за искористување на расположливите потенцијали.
Премиерот Груевски му ја честиташе победата на Ердоган и му посака успех во водењето на државата. Тој посочи дека билатералните односи се одлични, а честите средби на политичко ниво се потврда за пријателството кое се развива меѓу двете држави. Го запозна претседателот Ердоган со реформите и чекорите кои се преземаат на економски план, и притоа укажа на тоа дека се залага за динамизирање на економската соработка меѓу двете земји.
Претседателот на македонската Влада го информираше Ердоган за целта на посетата која е економско-политичка. Тој истакна дека турските компании се добредојдени во Македонија, а оние кои се решија да инвестираат имаат позитивно искуство од условите за инвестирање и изрази надеж за продолжување и продлабочување на пријателството и соработката во повеќе сфери од заеднички интерес.
Претседателот Ердоган изрази задоволство од посетата на македонскиот премиер и посочи дека ја поддржува Македонија и нејзините евроатлански апсирации.
- На тој пат во Турција можете да најдете пријател, изјави Ердоган.
Соговорниците разменија мислења за повеќе регионални прашања, како и искуства од реформите во повеќе области како што е образованието, здравството, градежништвото и за останати прашања од заеднички интерес за двете држави
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа