Уапсен познат руски милијардер
Рускиот милијардер Владимир Евтушенков е уапсен во Москва и ставен во домашен притвор, под обвинение за „перење на пари“.
Евтушенков (65) е сопственик на бизнис групата „АФК Система“ која го поседува и најголемиот руски мобилен оператор МТС. Оваа бизнис групација е сопственик и на нафтената компанија „Башњефт“.
Според американското списание за бизнис и финансии „Форбс“ Евтушенков поседува богатство што се проценува на 4,4 милијарди долари.
Раководството на „АФК Система“ побара објаснување од властите за мотивите за апсење на Евтушенков, откако неговиот случај веднаш беше споредуван со апсењето и осудување на поранешниот сопственик на сега згаснатата нафтена компанија „Јукос“, Михаил Ходорковски во 2003 година, како и со апсењето на Александар Шохин, раководител на руската Унија на индустријалци и предприемачи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков ги отфрли сомнежите за „политички мотиви“ при апсењето на Евтушенков, нарекувајќи ги таквите тврдења „апсурдни и апсолутно неточни“.
Московската берза ги ограничи денеска тргувањата со акциите на „АФК Система“, како и на телеком групата МТС и нафтената компанија „Башњефт“.
Апсењето на Евтушенков предизвика пад на вредноста на акциите на нафтената компанија за 20, а на телекомот за 37 отсто.
Доколку биде докажано обвинувањето, Владимир Евтушенков би можел да биде осуден на казна затвор до 10 години.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа