Шкотските сепаратисти ја отфрлија декларацијата за поголеми овластувањата на Парламентот во Единбург

Шкотските сепаратисти собрани околу првиот министер и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Алекс Салмонд, ја отфрлија денеска декларацијата на трите најголеми британски партии за зголемување на овластувањата на Парламентот во Единбург.

Во изјава за Би-Би-Си, шкотскиот заменик прв министер, Никола Старџен изјави дека понудата за зголемување на деволуцијата на Шкотска е „навреда“ за гласачите. Таа рече дека она што се нуди не ги задоволува интересите на земјата и доаѓа премногу доцна.

Старџен уште еднаш нагласи дека она што сега и треба на Шкотска, е целосна независност и одделување од Велика Британија. Таа ја бранеше „патриотската позиција“ на сепаратистите, одново исталнувајќи дека Шкотланѓаните може да го направат животот во Шкотска подобар.

- Секако не веднаш, но во секој случај со тек на време, рече Старџен која е една од главните архитекти на шкотскиот сепаратизам.

Таа ниту во оваа прилика, не понуди ниту еден елемант за тоа како се замислува идниот развој на земјата.

Британскиот премиер Дејвид Камерон, заменик-премиерот Ник Клег и лидерот на опозицијата Ед Милибанд, во декларацијата што е објавена во шкотскиот тиражен весник „Дејли Рекорд“ потенцираат дека станува збор за „визија околу која Шкотска може да се обедини“.

Освен давањето повеќе овластување за шкотскиот Парламент, предвидено со сегашниот закон за деволуција (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург), лидерите на конзервативната, либералдемократската и лабуристичката партија, се обврзуваат и на еднаквото распределување на ресурсите во Велика Британија, како и за префрлање на финансирањето на државното здравство на владата во Единбург, во рамките на зголемените овластувања на тамошниот Парламент во секторот на даноците и фискалната политика.

Камерон, Клег и Милибанд уште минатиот месец постигнаа согласност, за тоа, во што е можно покус рок, да се почне со процесот за проширување на деволуцијата за Шкотска, доколку гласачите го отфрлат сепаратизмот и гласаат против отцепувањето од Велика Британија.

Објавувањето на декларацијата во „Дејли Рекорд“ доаѓа по вчерашниот настап на Камерон пред гласачите во Абердин, град на брегот од Северно Море и центар на британската нафтена индустрија.

Во емотивниот говор, нетипичен за еден конзервативен политичар, тој им порача на Шкотланѓаните дека определбата за независност „ќе го растури семејството од нации и ќе ја оддели Шкотска од Велика Британија“, предупредувајќи дека по една таква одлука, нема да има враќање назад, ниту ќе се случи повторно обединување.

- Не заборавајте дека во четврток вие гласате, не за вас од сегашнава генерација, туку за вашите деца и внуци, рече британскиот премиер Камерон.

Даунинг стрит 10 соопшти дека тој повеќе нема да се враќа во Шкотска, до референдумското изјаснување за два дена.

Лидерот на лабуристите Милибанд, како и поранешниот премиер Гордон Браун, остануваат во Шкотска до крајот на кампањата уверувајќи ги гласачите дека „заедно (во Велика Британија) е многу подобро“.

Политички експерти оценуваат дека само лабуристите и нивната „машинерија“ би можеле да ги привлечат на страната на унионистите преостанатите неопределни гласачи, затоа што тие се најпопуларната британска партија во Шкотска, која до 2007 години, 50 години победуваше на сите избори во тој дел од Велика Британија.

16.09.2014 - 16:52


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега