Преселби, промени и кафе со Груевски - еве ја агендата на Зоран Заев

Заев почнува со реконструкција на опозициската СДСМ. На агендата на новиот претседател на партијата е намалување на бројот на потпретседатели на најголемата опозициска партија и смена на голем дел од високото раководство на СДСМ, објавува Дневник.

Од СДСМ, пренесува Дневник, информираат дека очекуваат Заев да промени голем дел од високото раководство, а планира и наместо четворица, како што предвидува сегашниот Статут на партијата, да воведе тројца потпретседатели.

Едното потпретседателско место, објавува Дневник повикувајќи се на извори од партијата, ќе оди на сметка на Радмила Шекеринска за која се погласно се зборува дека ќе биде заменик на Заев. Се очекува работата на Шекеринска да биде речиси еднаква со ингеренциите на Заев, најмногу поради нејзината поврзаност со скопското членство. Според Дневник, освен имињата на пратениците Оливер Спасовски и Маријанчо Николов како генерален и организационен секретар на СДСМ, во партијата се коментира дека на потпретседателските места може да се најдат пратеникот Јани Макрадули и Софија Kуновска од Советот на Град Скопје, а во оваа комбинација се споменува и Гордан Георгиев.

Екс лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски се иссели од партиските простории и веќе неколку дена е префрлен во канцеларијата близу седиштето на партијата, која ја доби како поранешен претседател на државата. Се очекува во оваа улога Црвенковски да го продолжи професионалниот ангажман. Дневник пренесува дека во СДСМ е поделено мислењето далиЦрвенковски ќе се дистанцира од работењето на Заев и целата партијата.

 Се очекува новиот лидер на опозициската СДСМ утре да се сретне со претседателот Никола Груевски, кој вчера телефонски му ја честиташе победата и го покани на кафе средба во македонската Влада.

Извор: Дневник

 

најчитано сега