Почнува во 12:05 часот: Нов протестен марш во Кочани

 

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.

Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.

Семејствата на настраданите на последниот протест искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.

За трагедијата се води опсежна истрага во која се вклучени 13 обвинители и според надлежните, извршени се голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица меѓу кои поранешни министри за економија, актуелни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни директори на Пазарниот инспекторат полициски службеници, актуелни и поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување….

Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешните директори на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и Анета Симеска.

Истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Со истрагата се опфатени и полициски службеници, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата.

Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски во телевизиско интервју изјави дека поранешните министри за економија издавале лиценци за работа на објектот без целосна документација.

– Сите лиценци, иако се издавани, немале потполна законска документација. Министрите издавале лиценци врз основа на непотполна документација. Од Дирекцијата за заштита и спасување немало елаборати и правилна документација на која би можел министерот да издаде лиценца. Тука се надоврзува градежништво, документи од локалната самоуправа и тн. Сите потребни документи за издавање на лиценца министерот требало да ги цени и да издаде лиценца. Од увидот во предметите за издавање на лиценца, јавните обвинители увидоа дека во сите предмети нема потполна и законита документација, рече Коцевски за телевизија Телма.

Со истрагата не е опфатен актуелниот министер за економија бидејќи, според изјавите на Коцевски, немало ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за издавање нова лиценца.

Во притвор останува поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, а неговите претходници Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. За амбасадорот Дритон Кучи, кој раководеше со ова Министерство, изречени се мерки на претпазливост.

Во куќен притвор се поранешните градоначалници Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев.

Вчера, Обвинителството соопшти дека се бара мерката куќен притвор за поранешните директори на Пазарниот инспекторат да биде заменета со мерки на претпазливост врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција.

Мерки на претпазливост за првпат се изречени и за едно лице кое било на лекување, а за кое, дел од медиумите пренесоа дека е синот на сопственикот на дискотеката.

Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години, а низа пропусти во Законот за угостителска дејност утврди и Државната комисија за спречување на корупцијата. Уписот во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, е само една од слабостите што ги нотира ДКСК.

Во Министерството за економија, според изјавите на министерот Бесар Дурмиши, веќе се работи на измени на Законот за угостителска дејност при што се разгледуваат две опции – контролите да ги врши Пазарниот инспекторат или Комисија која ќе биде формирана од надлежни институции.

Со измените направени во 2008 година, се дозволи сопствениците на угостителски објекти под морална одговорност да потврдат дека ги исполнуваат мининалните технички услови за работа и тие податоци да ги доставуваат до Пазарниот инспекторат.

На 16 април се наврши еден месец од трагедијата во Кочани.

19.04.2025 - 10:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега