Брзото возење - причина за најголем број сообраќајки во Македонија

 

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, делеше флаери, како едукативна активност,  кои се однесуваат на најчестите сообраќајни прекршоци кои се случуваат во градска средина, а тоа се не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината.

Во рамки на кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“, таа апелираше до возачите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата, да го почитуваат својот и животот на другите учесници во сообраќајот.

Не носење безбедносен појас и пречекорување на брзината, нагласи Јанкулоска, се прекршоци кои многу често доведуваат до тешки, а понекогаш и трагични последици.

- Она што е карактеристично и заради што денес ставивме посебен акцент на пречекорувањето на дозволената брзина согласно условите на патот е дека во 689 случаи, а тоа е над 40 проценти од сообраќајните несреќи, причината е токму брзото возење, изјави министерката Јанкулоска.

Нагласи дека ваквите активности ќе продолжат и понатаму, но во текот на кампањата и потоа дополнително ќе добијат во интензитет.

Кога се однесува  за прекршоците за недозволената брзина, Јанкулоска информираше дека во текот на првите 6 месеци од 2014 година поднесени се 5.098 барања за прекршочна постапка, а по однос на овој прекршок наплатени се 1.299 глоби, предупредени се  1.335 учесници, одземени се 46 возачки дозволи, а 164 возачи добиле забрана за управување со моторно возило, додека пак 42 возила се целосно исклучени од сообраќај. На сообраќајна поука се повикани 223 возачи.

Во периодот од осум месеци од 2014 година на територијата на Република Македонија регистрирани прекршоци кои се однесуват на неносење безбедносен појас се 3.500, покани за плаќање на глоба 7.100 и 100 прекршоци кога возачите се опоменати дека ваквото однесување е недозволиво.

- Статистиката за потешките сообраќајни последици за 6-те месеци од годинава говори дека сообраќајните несреќи со потешки последици се 1.716, во кои животот го загубиле 71 лице, а повредени се 1.519 лица.Со повреди поминале 2.758 лица, изјави министерката за внатрешни работи.

Во споредба со 2013 година, истакна Јанкулоска, овие бројки  се во благо намалување и тоа, подвлече, претпоставуваме дека е резултат на интензивните активности кои на некој начин успеаја да ја пренесат пораката до учесниците во сообраќајот.

- Меѓутоа, ние не сме задоволни со овие бројки и токму затоа водиме една интензивна кампања од која очекуваме дополнително намалување на негативната статистика во сообраќајот, потенцира Јанкулоска.

Според неа, 2013 година го постигна негативниот рекорд од 198 жртви на патиштата во Република Македонија.

„Почитувај ги правилата, почитувај го животот“ е слоганот на кампањата за подигање на јавната свест за безбедност во сообраќајот, што ја почна Владата во координација со повеќе институции.

Централна порака на кампањата е вози безбедно, вози со појас. Се укажува и дека ограничувањето на брзината е со причина и оти не треба да се вози додека се зборува на мобилен ниту пак при замор.

Реализацијата на кампањата за подигање на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот ќе чини 500.000 евра без вклучен ДДВ. Покрај институции поврзани со безбедноста во сообраќајот вклучени се и јавни личности. 

14.09.2014 - 13:17
Фото: 
курир


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега