Бесими со обраќање во Брисел: Очекуваме ЕУ да го валоризира напредокот на Македонија
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој престојува во работна посета на Брисел, се обрати на дебата пред претставници на Европскиот парламент на тема „Од сон до реалност: нов поттик за реформските процеси".
- Во тој контекст, Бесими подвлече дека членството е стратешка определба на земјата и затоа Владата е посветена на имплементација на сите неопходни реформски процеси, особено во областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво кој овозможи да се воведе дополнителна динамика на целиот процес, се вели во соопштението.
- Позитивниот моментум во имплементацијата на реформите од европската агенда мора да се задржи. Ние очекуваме Европскиот совет соодветно да го валоризира напредокот нотиран во пролетниот Извештај на Европската комисија и во Резолуцијата за напредокот на Република Македонија усвоена од страна на Европскиот парламент на 23 мај 2013 г. Исто така, во заклучоците на Генералниот совет од 11 декември 2012 година, напредокот постигнат во областите тесно поврзани со правдата, слободата и безбедноста беше признат од страна на земјите-членки и земјата беше поттикната да продолжи со реформите во делот на Пристапниот дијалог на високо ниво, унапредувањето на добрососедските односи и изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името. Ние и понатаму остануваме посветени во унапредувањето на дијалогот со претставниците на медиумите и во изнаоѓање заеднички решенија за подобрување на законската рамка во делот на изборите, а лидерите на политичките партии кои постигнаа политички договор на 1 март оваа година, да се фокусираат на неговото спроведување, вклучувајќи и воспоставување и започнување со работа на Анкетната комисија за настаните од 24 декември, потенцирал Бесими.