Во Пакистан уапсени напаѓачите на Малала Јусафзаи
Група талибанци, вклучена во нападот и ранувањето на пакистанската ученичка Малала Јусафзаи, се уапсени и задржани во притвор, соопшти денеска пакистанската армија.
Портпаролот на војската, генерал Асим Бајва изјави дека десетмината уапсени се припадници на фракцијата наречена „Шура“ која е дел од пакистанските талибанци што дејствуваат во долината Сват, во северозападните делови од Пакистан.
Сите се уапсени во заедничката акција на војската, полицијата и разузнавачките служби.
Според генерал Бајва, акцијата за убиство на ученичката Малала била покрената од Мула Фазлулах, водач на талибанското движење во Пакистан.
Во текот на операцијата за откривање и фаќање на групата, војската и полицијата откриле список на 22 истакнати личности во реонот на долината Сват,што биле одредени да бидат убиени по убиството на Малала.
Во октомври 2012, тогаш 15-годишната ученичка беше жртва на терористичкиот напад што врз неа го извршија припадници на пакистаните талибанци. Тие го запреа училишниот автобус и веднаш по влегувањето, испукаа три куршуми во главата на Малала. Таа беше тешко повредена и по првичната лекарска интервенција на пакистанските лекари, девојчето беше префрлено на лекување во Велика Британија. Таа успеа да се опорави од повредите, иако се уште чувствува последици од нападот.
Малала беше осудена на смрт од талибанците затоа што јавно се залагаше за образование на младите Пакистанки. Нападот врз оваа храбра тинејџерка, предизвика шокираност во целиот свет, па таа брзо стана позната личност.
Минатата година ја доби наградата „Сахаров“, американскиот неделник „Тајм“ ја прогласи за највлијателна личност на годината, а наскоро треба да се појави и нејзината автобиографија.
Малала сега живее во Бирмингем, затоа што не може да се врати во Пакистан, каде тамошните талибанци се закануваат со одмазда за неа и за нејзиното семејство.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа