Кина ги предупреди своите државјани да не патуваат на Филипините

 

Кина денеска издаде официјално предупредување до своите државјани според кое тие треба да избегнуваат посета на Филипините. Советот доаѓа по вестите дека неколку Филипинци се уапсени поради обид за терористички напади, а според кинеската амбасада во Манила бил планиран и напад на нивниот дипломатски комплекс, како и компании и домови на кинески тајкуни кои живеат на Филипините. 

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи  денеска изјави дека предупредувањето за избегнување на патувањата на Филипините ќе важи додека не се повлече официјално.

Дел од филипинските медиуми кинеското предупредување го оценија како непотребно, а кинеската реакција ја доведоа во врска и со неодамна објавените стари мапи на кои, според филипински извори,  се демантираат кинеските тврдења дека со векови Јужното Кинеско Море и припаѓало исклучиво на Кина.

Филипините во почетокот на годинава решение за спорот околу сувереноста на Јужното Кинеско Море побараа и од Меѓународниот суд за поморско право, но Кина изјави дека не ја интересира ставот на овој суд под покровителство на Обединетите Нации. 

12.09.2014 - 14:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега