Почна предизборната кампања во БиХ
Изборната кампања за општите избори во Босна и Херцеговина денеска и официјално почна и ќе трае до 11 октомври до 7 часот изутрина, кога почнува предизборниот молк.
За тој период политичките партии и нивните кандидати ќе ги претстават нивните програми кои планираат да ги спроведат доколку дојдат на власт, а Радио Сараево денеска потсетува дека според последното испитување, од ветувањата кои политичките партии ги дале пред изборите во 2010 година исполниле само три проценти.
По повод почетокот на изборната кампања, на вчерашната прес-конференција претседателот на Централната изборна комисија Стјепан Микиќ ги повика сите политички субјекти и други учесници во изборите да ги почитуваат правилата пропишани со Изборниот закон.
Микиќ посебно предупреди дека во случај на говор на омраза за време на кампањата, освен парична казна од 10.000 конвертибилни марки, на партиите може да им биде поништена регистрацијата за учество на изборите, а кандидатите за кои ќе се утврди дека го прекршиле законот можат да бидат избришани од кандидатските листи.
На овогодинешните избори Централната изборна комисија завери вкупно 735 кандидатски листи и 7.748 кандидати, од кои 3.276 се жени (42 отсто) и 4.472 се мажи (58 отсто).
Во Федерацијата БиХ ќе можат да гласаат 2.037.076 лица, во Република Српска 1.241.832, а во Дистриктот Брчко 45.317 лица. Бројот на граѓани со право на глас, кои се регистрирани надвор од БиХ изнесува 42.139.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа