Што открива една авионска црна кутија?
Црната кутија им служи на експертите за реконструкција на авионските несреќи. Што е всушност црната кутија и како функционира?
За експертите од германскиот Сојузен завод за истрага на воздухопловни несреќи (BFU), евалуацијата на црните кутии е секојдневна работа. „Мислам дека секоја втора седмица имаме такво нешто“, вели Јенс Фридеман, портпарол на заводот. „Такви евалуации се прават и за случаи кои не се толку спектакуларни, на пример и кај таканаречените сериозни инциденти“. Сериозни инциденти се случаи кои можат да се опишат како „за влакно избегнати несреќи“.
Црната кутија првенствено е посебно заштитен уред за снимање, сличен на хард диск или мемориска картичка. Тука се бележат сите релевантни податоци за летот, но и разговорите во пилотската кабина. Порано овие компоненти се снимале на два различни уреди. Во меѓувреме, постои и комбинирани уреди кои ги имаат и двата вида податоци. Сепак, според прописите, во леталото мора да има два такви комбинирани уреди.
Тестови за издржливост
Црната кутија мора да биде во состојба да издржи разни видови несреќи. Пред да се дозволи вградување во леталото, уред се тестира дали може да издржи: судир со бетонски ѕид при брзина од 750 километри на час, статичко оптоварување од 2,25 тони најмалку пет минути, 1.100 степени Целзиусови еден час и притисок на вода на длабочина од 6.000 метри.
За полесно да се пронајдат во море, уредите во контакт со солена вода испраќаат сигнал кој може да биде примен во радиус од околу два километри. Со оглед на толку краткиот опсег, тоа значи дека местото на несреќата мора да биде релативно прецизно познато.
Се снимаат и приватните разговори
Делот од црната кутија, кој е некаков вид диктафон, ги бележи сите звуци во пилотската кабина. Покрај разговорите на пилотите, се снимаат и автоматските пораки на компјутерите, радио врските, разговорот со екипажот на авионот и најавите на патниците. Уредот ги регистрира и звуците на прекинувачот и моторите.
Секако дека се снимаат и сите приватни разговори на пилотите – поради што многу внимателното ракувањето со аудио датотеката е важно и од аспект на заштита на личните податоци. Разговорите може да се евалуираат само поради истрага на несреќа или некакви дефекти. Се снима максимално 120 минути, а постарите рекордери само 30 минути. Технички е возможно пилотот снимањето да го стопира или избрише. Во пракса, вели Јенс Фридеман, тоа никој не го прави.
Зголемување на количината на податоци
Кога станува збор за рекордерот на податоци за летот, втората компонента на црната кутија, пилотот не може директно да пристапи до зачуваната датотека. Во постарите авиони, пилотите мораат да го вклучат пред стартот на леталото, а модерните машини тоа го прават автоматски. Количината на собраните податоци станува се поголема. „Денес таму се забележани стотици, понекогаш и илјада параметри“. Тоа е линијата на летот, надморската височина, брзината, локацијата, температурата на издувните гасови на моторот, позицијата на тркалата...
Податоците им помагаат на експертите во истрагата за причината на несреќата или некој сериозен инцидент, заради понатамошно намалување на потенцијалните извори за грешка. Меѓутоа, тие не можат во потполност да го реконструираат летот. „Тоа не се симулира во симулатор или со анимација, но врз основа на параметрите можеме нешто да заклучиме“.
За евалуација на црните кутии постојат само неколку специјализирани агенции ширум светот. И притоа, не може секоја агенција да ја евалуира секоја црна кутија. Сојузниот завод во Германија може да ги евалуира западните кутии и неколку кутии од руско производство. Според Фридеман, можно е во иднина да има и видео снимки со специфичен дисплеј во пилотската кабина. Исто така, се работи и на јакнење на сигналот на локаторот под вода.
Инаку, црната кутија никогаш не била црна – пропишано е да биде светло портокалова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа