Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител

Овој е Божјиот Крстител, Пророкот од Пророк роден, печатот на Пророците и началото на Апостолите, мостот меѓу Стариот и Новиот Завет, гласот на оној кој вика во пустината, од Бога испратениот Гласник на воплотениот Месија, претходникот на Христовото доаѓање во светот (Ис. 40, 3; Мал. 3,1). Овој е оној кој на чуден начин од старец беше зачнат, и од старица роден; оној кој уште од мајчината утроба беше преисполнет со Духот Свет; кој ревнуваше како Илија Зилотот, чиј пустински подвиг и божествена ревност за Божјиот Закон го подражаваше.

preteca-720x340 (1)

И истиот овој божествен Пророк, после проповедањето на покајното крштение, и поучувањето на луѓето како треба да ги уредат нивните животи, ги преумуваше оние кои ги покрстил и исполнувајќи ги со страв Божји, велејќи им дека никој не може да побегне од гневот кој претстои, доколку не даде плод на покајание; овој ангел во тело кој нивните срца ги подготви за примање на благовестните учења на Спасителот, и конечно, кој на народот му Го објави Самиот Спасител, велејќи: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое на Себе ги зедe гревовите на светот“, после сето ова, со својата крв ја запечати вистината од своите зборови, бивајќи света жртва на божествениот Закон во рацете на еден беззаконик.

А беззаконикот беше Ирод Антипа, Тетрархот Галилејски, синот на Ирод Великиот. Овој маж имаше законска жена, ќерката на Арет, кралот на Арабија (за кого говори светиот апостол Павле во 2Кор. 11,32). Без причина, и спротивно на Законот, ја остави овој Ирод својата жена, и за себе ја зеде Иродијада, жената на неговиот упокоен брат Филип, со кого ја беше родила Саломија. Ирод одби да се откаже од овој противзаконски брак дури и тогаш, кога Јован, проповедникот на покајанието, храбриот и остар обвинител на беззакониците, го разобличи велејќи му: „Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат“ (Мк 6,18). И така Ирод, на своите беззаконија го додаде уште и ова, дека знаеше што Јован му говори, а сепак го затвори; можеби и веднаш ќе го убиеше, доколку не се плашеше од народот, кој имаше огромна почит кон Јована. А на почетокот и самиот Ирод имаше голема почит за овој праведен и свет човек. Но сепак, бивајќи прободен од трнот на лудата похота кон Иродијада, тој ги положи своите валкани раце врз учителот на чистотата истиот ден кога го славеше својот роденден.

Кога Саломија, ќерката на Иродијада заигра за да ги задоволи Ирода и другите околу него, тој и’ вети – со заклетва поглупава од било која друга глупост – дека ќе и’ подари сѐ што ќе побара од него, па дури и половина од неговото царство. А таа, советувајќи се со својата мајка, веднаш ја побара главата на Јована Крстител. На тој начин беззаконикот, држејќи се за својата заклетва повеќе отколку за самиот Закон, ја исполни својата безбожна заклетва, и гнасната прослава ја испрска со крвта пророчка. Сечесната глава, и од ангели почитувана, беше дадена како цена за еден грозен танц, и стана играчка за блудната ќерка на развратната мајка. А телото на овој божествен Крстител беше чесно погребено од неговите ученици и во гроб положено (Мк. 6, 21-29). Откривањата на неговата света глава се слават на 9 март и 7 јуни (24 февруари и 25 мај ст.ст.).

Свети Јустин Келиски

Извор агапи.мк

10.09.2014 - 22:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега