Да ми се фатите за Путин

Од денес ќе си го викам Путин. Спокојот. Да не мислите дека на нешто друго мислам? Не, не мислам на соработников, на спокојот си мислам. Можете слободно да ми се фатите за спокојот, сите вие што како папагали веднаш се фаќате за Владимир Путин, ако некој ви рече дека не го сака НАТО, демек тој што го нејќе е путинист, значи сите вие до еден, ама ич не ми реметите спокој, слободно можете со заби да се фатите за него и бујрум, тренирајте вилици. А јас пак ќе ви повторам, НАТО е срање, НАТО е шит, НАТО е мерд, НАТО е стронцо. И ЕУ исто, оти ЕУ и НАТО, сејм шит!

Што сакате друго да ви кажам? Сакате да зборуваме за македонската надворешна политика? Нејзини приоритети се ЕУ и НАТО. Врвни приоритети. Е па, тоа е глупа политика. Ама ова вас ве буни нели, оти вие од дното на душата го мразите Груевски, јас во дното на душата имам пофалби и замерки за Груевски, бидејќи јас го гледам како човек од крв и месо, а вие како симбол на злото, вие го сметате за врвно зло, јас го сметам за способен политичар со чии ставови не секогаш се согласувам. Тој, премиерот Груевски, сака да нѐ внесе во ЕУ и во НАТО, добива позитивни ЕУ-извештаи, учествува во НАТО-окупации, вие сè уште го мразите, а средновековно догматски ги обожавате ЕУ и НАТО, јас секоја колумна се расправам со ЕУ/НАТО-приоритетите на оваа влада, вие постојано ја мразите оваа влада, ама приоритетно ги премолчувате нејзините приоритети и кој е тука забеган во главата, а? Муабети од типот, тоа премиерот Груевски само се преправа, ги сметам за ретардирани и не сакам да полемизирам. Иако, има, за жал, и такви што под непреправање би го сметале само моментот кога премиерот и Владата ќе ги прифатат грчките црвени линии, ама со таквите треба да се занимава здравствениот систем. 

Убеден сум дека оваа влада геополитички ја гледа Македонија како дел од ЕУ и од НАТО од една страна, како што од друга страна се плаши и покрај онолку уцени, гадости, нецивилизирани омаловажувања, дерење кожи и пиење крв што константно ги добиваме од ЕУ и од НАТО, да ги испрати по ѓаволите истите и да фати друг пат, оти јасно е дека таков момент за украинизација на Македонија чекаат еден куп туѓи служби, политички квислинзи, десен НВО-сектор и амнестирани терористички дерикожи на цивили. Јас, пак, како индивидуалец што не води цела држава, смеам и можам да кажам дека ич не ја гледам геополитички Македонија во фашистичка ЕУ, која не признава право на самоопределување поради една своја фрустрирана членка што има проблем со својот идентитет, па сака да приграби туѓи, ниту, пак, ја гледам во окупаторско-терористичкиот камп НАТО што на луѓето им дава храна, само ако за возврат добие нафта, а уште помалку се плашам од немирите што ни ги најавува новата Ештон, Могерини, оти ако треба да се тепа и гине, тоа е тоа, ќе се тепаме и гинеме, па што сака нека биде. Било и полошо, па нѐ има. Сега барем знаеме кои институции и организации ни се закануваат со немири преку устата на Могерини, која, како и повеќето усти на бирократи, одамна некој не ја замолчил со искрен бакнеж.

А да, можете сè уште, по мојава тирада за ЕУ и за НАТО, да ми се фатите за Путин. Знаете, спокојот нема цена и јас едноставно веќе немам намера да се чудам или возбудувам кога ми рипаат попарени догматичари., па ако кажам, на пример, дека ХАСАП-системот е глупост, веднаш да бидам прогласен за човек што пропагира нехигиена и зарази. Оти таков ви е муабетот, драги мои ЕУ-митомани и НАТО-љупци, не му го давате правото на човек да има мислење или став за нешто, веднаш како фанатици го пикате во онаа група што вие ја доживувате за еретичка. 

- А-ха, го нејќеш НАТО, е Путин да не ти е подобар?
- Не, бе брате, Путин не е организација, го нејќам НАТО, тоа е моронска воено-профитерска алијанса, јас сакам укинување на парите, забрана за производство на оружје, уривање на моќта на корпорациите, уништување на ГМО-семињата, а тоа не ми го дава ни Русија, ни Саудиска Арабија, ни САД, ни ЕУ. И сега што правиме?
Изгледа ништо не се сменило од антички Рим наваму. Џабе се маваме во гради дека сме не знам каква напредна, модерна, хумана цивилизација. Во стариот Рим им ги фрлаа на лавовите оние што веруваа во Исус, а не во Јупитер. За време на инквизицијата ги палеа оние што тврдеа дека Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно. Во удбашко време истото, само на друга тема. Денес, ако не си за НАТО и ЕУ, сигурно си за Путин и ИСИС. И никако не смееш малку да мрднеш од догмата, па да видиш дека НАТО прв почна да прави ракетни штитови против Русија, треба да се правиш малоумен и да се чудиш зошто Русите на санкции враќаат со санкции, а не како што ние на грчките санкции вративме со натртување, никако не треба да им веруваш на фактите што кажуваат дека ЏИА и МОСАД го создале ИСИС за да ги држат муслиманите во страв, под контрола, оти тогаш си еретик, скептик, имаш вошки, носиш ебола, полови болести.

Ако немаш хистерични напади против „Скопје 2014“, тогаш си диктатор во душа и владин мегафон дебело платен да вршиш пропаганда, ако реагираш на законите за абортус, пушење, џамлии, маски за кучиња, може некој да те смести меѓу искешираните „револуционери“ на Сорос, ако кажеш дека геј-парадите се глобална манипулација, сигурно си хомофоб, ако им се завртиш на оние што ни сами не знаат зошто мразат хомосексуалци, гарант си педер, ако го доживуваш она полевање со студена вода како обид за контрола на свеста, ќе те обвинат дека сакаш да умрат болните од АЛС, ако бараш континуитет во историјата, нешто што го има цел факинг свет, од Бушмани до Ескими, тогаш си антиквизтор, ако ти се повраќа од НАТО, тогаш се убедени дека сонуваш како те допира Путин. Море, одете бестрага!

П.С. Грчев ќе рушел кога ќе дошол на власт. Не играјте си со здравјето на човекот, реагирајте веднаш. Имаше една приказна од Џани Родари, на децата им изградија стаклен град за да можат да го истурат својот бес, ама не по дома. Дајте да помогнеме! 

Автор: Александар Русјаков за НОВА МАКЕДОНИЈА

 

 

07.09.2014 - 14:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа