Незири на Денот на рударите во посета на тетовско Џепчиште

Министерот за економија Беким Незири заедно со претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов денеска присуствуваше на свеченоста по повод 28. Август - Денот на рударите на Македонија што се одржа во кругот на компанијата „Ренова“ во тетовското село Џепчиште.

„Ренова“ е одбрана за годинашното чествување бидејќи покрај трите рудници за експлоатација на минерални суровини во Македонија го има проширено производството во соседните земји, а производите се наоѓаат и на пазарите од земјите од блискиот Исток.

Според министерот Незири, Македонија има непроценливо богатство од минерални суровини, а голема важност имаат и рударите што работат во рудниците како бесценет човечки ресурс поради што должност на државата е да им обезбеди што подобри услови за работа.

- Овој важен стопански комплекс заедно со придружните претпријатија вработува над 12 илјади што го прави овој дел од индустријата поперспективен за работа. Во земјава има и над 150 рудници што активо работат при што дел од нив се за експлоатација на металите олово, цинк, бакар, сревро и злато. Се поголем интерс има за експлоатација на украсните камења како мермерот, гранитот, травентинот и ониксот, а вредни за споменување се минералните термоминералните и термалните води кои се се поатрактивни за инвестирање, изјави Незири.

Посочувајќи оти рударската професија е навистина тешка, Николов потенцира дека рударите навистина заслужуваат што подобри услови и плати, со цел поуспешно да ја извршуваат нивната работа.

- Она што е карактеристика на рударство е тоа што има значаен удел во вкупниот извоз бидејќи 100 отсто од производство на рудниците за метали е наменето за извоз што многу помага во девизниот биланс на Македонија. Во државата има над 12.500 вработени во овој сектор со над 170 рударски претпријатија и околу 200 капацитети за преработка на минерални суровини. Очекуваме во следиот период со носење на двата закони за геологија и рударство да се разделат овие две блиски, а различни гранки со што уште повеќе ќе се подобрат работите. За развојот на рударството потребен е голем капитал, но и поддршка од сите структури во државата, рече Николов.

Во рамки на одбележувањето на Денот на рударите од страна на Министерството за економија им беа доделени традиционалните признанија за најуспешните рудари и претпријатија како уште една потврда на нивнта професионалност и одговорност. 

01.09.2014 - 13:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега