Села: Подготвен сум да разговарам со сите политички партии кои се дел од Советот на Општина Струга

 

Струшкиот градоначалник Зијадин Села  денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на претходниот градоначалник и актуелен претседател на разгранокот на ДУИ Рамиз Мерко дека не презел ништо околу изборот на прв човек на Советот на Општината.

Тој појасни оти во текот на изминатиот период остварил неколку средби со претставниците на политичките партии во Советот на Општина Струга.

 

- Обвинувањата на  претседателот на ДУИ во Струга Рамиз Мерко дека не сум се залагал за разговори и функционирање на Советот на Општина Струга и за избор на негов прв човек се патетични и цинични. Не можам да ја прифатам споредбата што ја прави ДУИ меѓу Струга и Тетово. Во Тетово имаше два изборни круга, а кандидатот на ДУИ оствари победа со помош на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во Струга пак,  имаше три изборни кругови и тука, ние од ДПА немавме коалиција со ниту една политичка партија, истакна Села.

 

Градоначалникот на Струга изрази подготвеност, како што рече, да седне на маса и да разговара со сите политички субјекти во интерес на граѓаните на Општината и ги повика претставниците од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво да ги подобрат нивните меѓусебни односи.

 

- Подготвен сум да седнам и да разговарам со сите политички партии кои се дел од Советот на Општина Струга. Нема да дозволам Струга и стружани да бидат мегдан за несогласувањата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво. Во Советот, при изборот на претседателот единаесет советници гласаа за Македонец, девет за канадидатот Абдула Ќазимоски, а од ДУИ беа воздржани, и тоа не беше добра слика, додаде Села.

На денешната прес-конференција, Села најави оти е подготвен да оди на нови локални избори, како што појасни, во интерес на сите граѓани и за поуспешно функционирање на локалната самоуправа.

ФОТО: Плусинфо

најчитано сега