Ситуацијата во Украина се приближува до точката од која нема враќање
Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо предупреди денеска во Брисел дека ситуацијата во Украина се приближува до точката од која нема враќање и оти Русија ќе ги сноси последиците доколку итно не го смени однесувањето.
- Ситуацијата во Украина драматично се влоши и се приближува до точката од која нема враќање, изјави Барозо по средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко во седиштето на Европската унија, дополнувајќи дека истото тоа вчера телефонски му го кажал и на рускиот претседател Владимир Путин.
Барозо рече дека присуството на Русија во Украина е неприфатливо и и порача на Русија да не ја потценува одлучноста на ЕУ да ги брани принципите врз основа на кои е и формирана.
Тој предупреди дека Европската комисија подготвила нов пакет санкции против Русија, а лидерите на ЕУ на денешниот состанок во Брисел ќе одлучат за нивната примена.
- Се уште не е доцна да се запре ескалацијата и да се најде политичко решение, рече Барозо пред новинарите, дополнувајќи дека во Брисел се уште се подготвени на компромис и дијалог со Москва.
- Нашата врата е отворена, а конфликтот и конфронтациите не се во ничиј интерес, подвлече Барозо.
На заедничката прес-конференција, Порошенко рече дека Украина е „жртва на странска агресија и терор“ и оти на нејзина територија се наоѓаат „илјадници странски војници и стотина тенкови“.
Тој се согласи дека е близу точката од која нема враќање и нагласи дека е убеден оти ЕУ ќе има сила да се спротивстави на агресијата и и оти ќе и воведе на Русија нови санкции доколку не може да го промени нејзиното однесување.
- Денес е во прашање судбината на Украина, а утре можеби на целиот свет, предупреди Порошенко.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа