Ердоган доби покана да присуствува на 100-годишнината од ерменскиот геноцид

 

Ерменскиот министер за надворешни работи Едуард Налбандијан на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му ја врачи официјалната покана за присуство на церемониите по повод 100-годишнината од ерменскиот геноцид,  соопшти денеска ерменското Министерство за надворешни работи, цитирано од ИТАР-ТАСС.

Налбандијан вчера во Анкара присуствуваше на церемонијата на стапување на должноста на новиот претседател на Турција. Притоа тој на кратко разговараше со претседателот Ердоган.

Ерменскиот претседател Серж Саркисјан во неделата соопшти дека министерот Налбандијан ќе присуствува на церемонијата на полoжување заклетва на новиот турски претседател. Саркисјан притоа посочи дека шефот на ерменската дипломатија настанот ќе го искористи за да дознае дали Ердоган има намера во 2015 година во Ереван  да присуствува на официјалното одбележување на 100-годишнината од ерменскиот геноцид.

Според Ерменија, во периодот 1915-1917 година во Османлиската империја биле убиени 1,5 милиони Ерменци.

Турција тврди дека во тој период имало меѓу 250.000 и 500.000 жртви и категорично ја отфрла тезата за геноцид.

29.08.2014 - 12:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега