Антифашистички митинг против општинските советници од „Златна зора“

Општинските власти во Атина предупредуваат на опасноста од испровоцирани инциденти за време на денешното полагање заклетва на новиот општински совет на грчката престолнина, соопшти весникот „Етнос“.

Церемонијата на полагање заклетва е планирана за 17 часот и ќе се одржи во атинскиот амфитеатар.

Грчките антифашистички движења соопштија дека пред амфитеатарот ќе организираат митинг за да го спречат положувањето заклетва на општинските советници на екстремно десничарската партија „Златна зора“.

Локалните власти стравуваат и од присуството на церемонијата на притворениот член на „Златна зора“, Илиас Касидиарис, кој од затворските власти добил одобрение да учествува на церемонијата.

Слични одобренија им биле дадени и на други двајца активисти на „Златна зора“ - Панајотис Илиопулос, кој е избран за регионален општински советник во областа Тесалија, и на Никос Кузилос, кој е избран за општински советник во Пиреја.

На вчерашната церемонија на стапување на должност градоначалникот на Солун во знак на протест против фашизмот на својот ревер од палтото ја закачи жолтата Давидова ѕвезда, истата што ја носеле евреите за време на Втората светска војна.

Јанис Бутарис (72), кој беше реизбран на должноста градоначалник на Солун, значката ја ставил на реверот од палтото во знак на протест поради присуството на церемонијата на неговиот опонент на изборите од редовите на „Златна зора“. Бутарис го освои својот втор мандат на локалните избори во мај со поддршката на 58,1 отсто од гласовите на избирачите.

За време на церемонијата во свечената сала на општината во Солун левичарски активисти разменија навреди со поддржувачите на „Златна зора“.

29.08.2014 - 11:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега