„Алфа“: Засега ни трага, ни глас од 5-те илјади тимови на СДСМ

СДСМ се на терен, но никој не ги видел. По најавата на лидерот Зоран Заев дека согласно новата стратегија дури 5 илјади тимови ќе го ораат теренот низ републикава, засега ни трага ни глас од тимовите, објавува Алфа.

Една недела откако беше најавена новата стратегија на опозицијата,на терен никаде ги нема 5000 тима на СДСМ кои треба да одат од врата на врата и заедно со граѓаните да бараат решенија за проблемите. Иако според партискиот лидер Зоран Заев тимовите ќе работат на секојдневните проблеми на граѓаните по систем на централни комисии и формирање паралелни институции, социјалдемократите се уште не ги започнале директните контакти со електоратот.

Од Бихаќка нема комплетна информација околу тоа кој ќе ги координира тимовите и кои би биле придобивките за партијата од овој концепт. На прашањата на Алфа дали општинските организации добиле насоки за делување, дали бројката од 5000 тима е реална, зошто се уште не можеме да ги видиме на терен и дали веруваат во исправноста на концептот од Бихаќка со одговор

"Спроведувањето на новата Стратегија на СДСМ за политичко делување се одвива според предвидената динамика и утврдениот план. За деталите јавноста ќе биде навремено информирана. Концептот е исправен затоа што максимално е фокусиран на тоа што СДСМ како партија има обврска да го сработи во интерес на граѓаните, бидејќи со штетните политики на актуелната власт е загрозена егзистенцијата на милион граѓани, но и иднината на државата", велат од партијата за АЛфа.

За дел од политичките аналитичари ваквиот начин на работа не е непознат. Особено во период на делување надвор од институциите и бојкот на парламентот. Проблемот според политикологот Владимир Мисев е тоа што сите досегашни концепти на СДСМ не му донеле повеќе гласови од владеачката ВМРО-ДПМНЕ и не успеал да се наметне кај гласачите.

-Во светот се познати вакви искуства. Има и други политички партии кои што сакаат да си го повратат или да се доближат до своето гласачко членство или партиско членство со вакви иницијативи. Дали ќе вроди со плод, ако гледате по бројки по освоени гласови во однос на минатото, на последните изборни циклуси СДСМ бележи раст. Нивен проблем е што владејачката политичка партија обезбедува поголем број на гласови од она што тие го вадат на избори и токму затоа остануваат се уште во опозиција, вели Мисев.

Новата стратегија која ја најави Заев ќе се базира на четири столба со акцент на секојдневните проблеми на граѓаните. Од партијата велат дека не се работи за нова кампања како подготовка за предвремени избори, туку коректор на власта.

29.08.2014 - 11:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега