Алкалоид пласираше антибиотик на пазарите во Германија, Франција и Австрија

По тригодишна процедура на анализи, процени и проверки од страна на експертски тимови, одобрен е пласманот на антибиотик на Алкалоид на пазарите на водечките европски економии. Станува збор за антибиотикот цефадроксил, цефалоспорински антибиотик кој во Република Македонија е познат под името Алицеф, индициран за третирање на респираторни инфенкции, инфекции на кожата и меките ткива и уринарни инфекции.

 

Целиот проект, од развој на лекот до комплетирање на процедурата за авторизирање на истиот, како што се наведува, траеше околу пет години, почнувајќи од анализа на пазарите, внимателен мониторинг на националните законодавни специфики на овие земји, усогласување на производот со најновите европски регулативи за фармацевтски производи како и соодветна анализа при Агенциите за лекови. Проценката на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на овој антибиотик беше предмет на анализа на над 40 експерти од сите Агенции за лекови на земјите вклучени во процедурата при што конечната позитивна одлука беше донесена на база на консензус на сите држави. Овој антибиотик, на пазарите Германија, Франција и Австрија ќе биде достапен од септември годинава.

 

Алкалоид е извозно ориентирана компанија која повеќе од 60 отсто од своето производство го пласира во над 30 земји во светот преку своите 16 канцеларии надвор од Република Македонија. Први на листата на приоритети покрај земјите во регионот на Југоисточна Европа, се и земјите-членки на Европската унија каде Алкалоид има над 200 маркетиншки авторизации (дозволи за пласман на лекови) издадени од соодветни институции, од кои повеќе од половина се спроведени според најстрого регулираните процедури на Европската Унија (Процедура за меѓусебно признавање и Децентрализирана процедура).

 

Фармацевтските производи се највисоко регулирана категорија на производи во светот. Како проверен, безбеден и сигурен производител на лекови, Алкалоид АД Скопје редовно ги минува контролите на реномираните мултинационални фармацевтски компании кои се наши партнери, како и инспекциите од страна на неколку европски агенции за лекови и храна, стои во соопштението од компанијата.

најчитано сега