Затвор за возачот на автобусот кој се судри со воз - сообраќајката која ја потресе Македонија
Возачот на автобусот на Струмица експрес кој на 13 мај ја предизвика несреќата со патничкиот воз на пругата кај Овче Поле доби казна затвор од една година и девет месеци и забрана за управување со возила од Д категорија во рок од една година. За ова денеска информираше портпаролот на Основниот суд-Штип, Стојан Михов.
- Тој целосно ја признал вината дека критичниот ден се движел по магистралниот пат од Штип кон Велес и дека на критичното место сметајќи дека ќе може да ја помине железничката пруга без да има последици и покрај тоа што наидувал возот отпочнал да ја минува. Со самото тоа тој се согласал со настапување на штетните последици, вели Михов.
Тој додава дека за вакви случаи судот може да изрече казна затвор од една до 10 години.
За потсетување, на 13 мај во раните утрински часови се случи првата железничка несреќа во земјава меѓу воз и автобус, а во која имаше повредени 32 патници кои тој ден патувале кон Велес или Скопје. Екипите на брзата помош од Штип, Свети Николе, Кочани и Велес тој ден покажаа голема организираност во санирањето и транспортот на пациентите до болниците во Штип и Велес и во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа