Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи упати честитка за празникот
Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија г.г. Стефан по повод претстојниот празник Успение на пресвета Богородица.
- На овој голем православен македонски празник ја славиме големата љубов и добродетел на Мајката Божја, присетувајќи се притоа на најголемата љубов, а тоа е мајчинската, која е светлина и патоказ во животот на секој човек. Како што Мајката на целиот човечки род го возљуби својот син и спасител Исус Христос, воздигнувајќи се до небото, така и ние да се воздигнеме преку нашата љубов кон Бога и љубов кон ближниот. Успението на Пресвета Богородица е токму тоа сведоштво дека земното е минливо доколку не се посветиме на верата и постојано не се искачуваме кон светите божји вредности. Нејзиното успение кон небото е симбол за нашето искачување кон љубовта и вистината, кое е макотрпен но сепак неминовен дел од животот на секој еден верник, се вели во честитката.
Чествувајќи го овој голем празник, додава Божиновска, да се присетиме на најдостојната меѓу сите жени и заштитничка на народот која со својот благороден лик, преку неизмерливата тага и страдање, но и со неизмерлива вера и трпение се издигна до највисокото скалило кое води кон ветениот мир и благосостојба.
- Затоа, на овој голем празник со силата на нејзиното свето име во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов и благодет кои ќе донесат мир во нашите семејства и во целиот свет воопшто, се наведува во честитката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА и до Светиот Синод.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа