Започнува „Македонска етно венчавка“ во општината Новаци
Денеска почнува тридневната традиционална манифестација „Македонска етно венчавка“ во општината Новаци.
Во духот на традиционалните обичаи и обреди од мариовскиот крај, Македонската Етно венчавка ќе започне со месење тесто - погача, плетење цветни венци, китење на бајракот,торбите и картата за вино, информираа од општина Новаци која е домаќин и организатор на културниот настан.
- Годинешен кум на Македонската етно венчавка е градоначалникот Лазар Котевски, во чиј дом попладнево ќе престојуваат свадбарите и ќе му врачат покана за на свадба, а потоа свадбената поворка ќе се упати во домот на деверот Зоран Анѓелевски во село Новаци. Утревечер ќе се одржи традиционалното канење за на свадба на сите жители на селото, а свадбата ќе продолжи во петок претпладне, информираат од општината.
За време на манифестацијата „Македонска етно венчавка“ ќе бидат извршени и други македонски обичаи како што се „забрикување на зетот“, посета на домот на невестата, а потоа точно напладне во петок ќе биде извршено венчавање на младоженците кое е закажано во црквата „Св. Атанасиј“ во општина Новаци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа