Прифатени нацрт-амандманите на Уставот
Собраниската Комисија за уставни прашања денеска со поединечно гласање ги прифати нацрт-амандманите на Уставот што ги предложи Владата.
Против амандманите односно измените на Уставот се изјаснија само пратениците на опозициската ДПА. Пратениците од СДСМ и коалициските пратеници се уште не учествуваат во работата на Парламентот, освен трите пратенички кои не го почитуваа партискиот став.
Огромното мнозинство граѓани на Република Македонија бракот го перцепираат како заедница меѓу еден маж и една жена, смета пратеникот Влатко Ѓорчев. Со овие уставни измени ќе се оневозможи во иднина само со мнозинство од 42 пратеници да се смени Законот за семејство или со одлука на некој суд. Исто така ќе се оневозможи деца без родители да се посвојуваат само од брачна заедница односно од заедница од еден маж и една жена или од самохрани родители. Во однос на регулативата на ЕУ, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Европа ги почитува различностите и различните мислења во тој дел, така што во земјите-членки нема иста или слична регулатива по ова прашање.
Овој став го дели и неговиот партиски колега Андон Чибишев, кој рече дека ќе ги поддржи сите предложени уставни амандмани.
Нацрт-амандманот го образложи заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, која потенцира дека со имените во овој дел ќе се овозможи бракот да се дефинира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена, а регистрирањето на вонбрачната заедница да биде исклучиво меѓу еден маж и една жена.
Координаторот на пратеничката група на ДПА Имер Алиу го повтори ставот дека партијата не ги поддржува уставните измени бидејќи тие во моментот не се приоритет за Албанците во земјата. Според него, Уставот треба да претрпи измени во делот на службената употреба на албанскиот јазик, националното знаме и правичната и соодветна распределба на буџетот. Сепак, Алиу рече дека тие ќе дебатираат за текстот на амандманите, што според него е исто така дискутабилен.
ДУИ ги поддржува уставните измени и како што рече Рафиз Алити и тие се на ставот да се отвори дебата за нови измени на Уставот за меѓуетнички прашања, но оти тоа останува да се усогласи со коалицискиот партнер.
Во врска со тие прашања, вели Алити, има потреба амандмански да се прецизираат неколку прашања во Уставот. - Ќе ги поддржиме овие уставни амандмани бидејќи сметаме дека тие се од интерес на сите граѓани на Република Македонија, изјави Алити, кој рече дека ќе гласа за амандманот на Уставот што се однесува на заедницата меѓу еден маж и една жена и вонбрачната заедница бидејќи смета дека мора да се почитуваат природните закони.
Основањето на меѓународна финансиска зона, предвидено со еден од нацрт-амандманите, e замислено како концепт во насока на искористување на трендот во меѓународните финансии каде што меѓународните банки и инвестициски фондови бараат дестинации за да ги минимизираат трошокот и ризикот, појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- Тоа е ситуација која што настана посебно по светската економска криза. Македонија треба да ја искористи оваа можност бидејќи има географска локација која што е извонредно поволна во Европа, даночни поволности што ги даваме и во моментов за фирми кои работат во слободни зони и на сличен начин би биле дефинирани во оваа финансиска зона, квалитетна работна сила која што може да одговори на потребите на една финансиска зона и на тој начин би имале корист во две насоки. Прво, во насока на етаблирање на РМ во меѓународната финансиска мапа како дестинација во која што би работеле меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации и второ, креирање работни места кои во случајов би биле со повисока додатна вредност, односно кои ќе креираат и поголем ефект врз БДП на РМ, изјави Ставрески.
Во зоната, додаде тој, би привлекувале меѓународни банки, инвестициски фондови и корпорации што сакаат да ги искористат поволностите на даночни олеснувања што ги дава РМ, но притоа ќе бидат обврзани да се етаблираат на територијата на РМ, односно да не биде само регистрирање на компанијата во РМ, туку и да имаат соодветно присуство во форма на назначен директор, на вработувања и слично, нешто по примерот на Луксембург во Европа.
Вицепремиерот рече дека зоната нема да биде по примерот на оф-шор дестинациите во светот, каде што се овозможува за даночни потреби да се регистрираат компании, банки и инвестициски фондови и слично.
Меѓу амандманите се и измена на името на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Државниот завод за ревизија со нацрт-амандманот се предлага тој да биде независен државен орган, а неговиот прв човек да го избира Собранието. Со еден од нацрт -амандманите се предвидува Владата да ја регулира финансиската политика и да одредува дека дефицитот не може да изнесува над три отсто од БДП и јавниот долг да изнесува до 60 отсто од БДП. Последниот амандман се однесува на надлежноста на Уставниот суд, односно дека Судот ќе може да одлучува по уставната жалба за човекови права, како и за одлуките на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Нацрт-амандманите на Уставот на дневен ред на Собранието се на седницата закажана за среда, со што ќе заврши втората фаза од измените на Уставот. Потоа тие ќе одат на 30-дневна јавна дисксуија, по која Владата повторно до Собранието треба да достави предлог-амандмани во кои би биле вградени забелешки од дискусијата. Се очекува целата постапка за носење на уставните амандмани да заврши до крајот на октомври.
МИА
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа