Нова можност за осмоодделенците - втор уписен рок за средно образование
Во средните училишта низ Македонија денеска е втор уписен рок и нова можност за осмоодделенците кои не се запишаа во средно на двете пријавуња во јуни. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени утре на огласните табли во училиштата.
Според податоците на Министерството за образование и наука, во вториот, августовски рок, има вкупно 20.089 слободни места. Од нив, 13.347 се за настава на македонски јазик, 5.969 на албански, 739 на турски и 34 на српски наставен јазик.
Според видот на образованието, во гимназиите има 5.127 места (3.260 на македонски, 1.576 на албански, 257 на турски и 34 на српски јазик).
Во средните стручни училишта вкупно се слободни 14.818 места (9.981 за македонски наставен јазик, 4.355 за албански и 482 за турски јазик).
Во уметничкото образование слободни се 107 места - 69 за настава на македонски јазик и 38 за албански наставен јазик. Во Спортската академија се слободни 37 места.
МОН информираше дека во сите општини во Република Македонија има слободни места за запишување на ученици во вториот уписен рок.
Министерот Абдилаќим Адеми на прес-конференција апелираше до сите осмоодделенци да изберат стручно образование, бидејќи се поголем број компании бараат добро оспособен и технички едуциран кадар, кој може да одговори на предизвикот на брзиот развој на технологијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа