Македонија ја совлада Белорусија на гостински терен

Кошаркарската репрезентација на Македонија вчеравечер во Минск ја совлада Белорусија со 81:70 и се доближи на чекор од официјализирање на пласманот на Евробаскетот 2015.

Селекторот Александар Џикиќ и Александар Костоски по мечот искажаа задоволство од играта и резултатот.

- Ова е многу важна победа за нас. Белорусија има големи и силни играчи, кои се одлично атлетски градени и навистина е тешко да се игра против нив. Сепак, знаевме како правилно да го искористиме нашето главно оружје - шутот. Мислам дека ја заслуживме победата, истакнува селекторот Џикиќ во изјавата за веб страната на МКФ.

Задоволен од прикажаната игра беше и плејмејкерот Костоски.

- Погодивме 16 тројки, тоа не е случајно. Ние сме добра шутерска екипа и тоа е нормално за нас. Знаевме како да ја искористиме таа предност. Сметам дека резултатот е реален и ја заслуживме победата, вели Костоски.

Репрезентацијата на Македонија со оваа трета победа во третиот натпревар од квалификациите, го задржува врвот на табелата во очекување на последната средба на гостински терен, што во среда ќе ја игра против Белгија во Шарлоа.

По тој натпревар, следуваат двата последни натпревари во Скопје, против Данска на 24 август и Белорусија на 27 август.

18.08.2014 - 14:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега