Пет години по пандемијата, СЗО повторно бара од Кина информации за потеклото на коронавирусот
Пет години од почетокот на пандемијата Ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО) денеска повторно побара од Кина да ги сподели своите податоци и информации за да разбере како започна пандемијата.
„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да сподели податоци и пристап за да можеме да го разбереме потеклото на коронавирусот. Ова е морален и научен императив. Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може соодветно да се подготви или спречи идни епидемии и пандемии“, се вели во соопштението на СЗО.
Здравствената агенција на ОН потсети дека на 31 декември 2019 година, нејзината канцеларија во Кина добила информации од здравствените власти во Вухан за случаи на „вирусна пневмонија“ во градот.
„Во неделите, месеците и годините што следеа, Ковид-19 ги промени нашите животи и нашиот свет“, додаде СЗО.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус неодамна праша дали светот е подобро подготвен за следната пандемија.
„Одговорот е и да и не. Ако следната пандемија се случи сега, светот сè уште ќе се соочува со истите слабости и ранливости што дозволија Ковид-19 да се шири и да опстојува толку многу години“, рече тој.
Според него, светот научил и многу болни лекции од пандемијата и презел важни чекори за зајакнување на својата одбрана од идни епидемии и пандемии.
Во декември 2021 година започнаа меѓународните преговори за постигнување договор за превенција, подготвеност и одговор во случај на нова пандемија.
194-те земји-членки на СЗО кои преговараат за договорот се согласија за повеќето прашања, но се во ќорсокак за важни практични аспекти. Крајниот рок за завршување на преговорите во моментов е поставен до мај 2025 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа