Повеќе од 100 луѓе загинаа, а 136 се исчезнати во поплавите во Непал

 

Катастрофалните поплави во Непал однеле 101 живот, а 136 луѓе се водат како исчезнати, додека валстите предупредуваат на опасност од избивање на епидемии на заразни болести.

Четири хеликоптери со храна, лекови, шатори и други материјали, како и со медицински екипи упатени се во селата на западот од земјата, изјави претставникот на непалскиот Центар за реагирање во вонредни ситуации, Џанка Нат Дакал.

Спасувачите пробуваат и по копнен пат да стигнат до селата кои се отсечени бидејќи водата ги поплавила и уништила повеќето патишта, пренесува АП. Илјадници луѓе останале без кров над глава поради поплавите што траат од четвртокот.

Властите поради недостаток на питка вода, храна и лоши хигиенски услови стравуваат од избивање на епидемија на колера, дизентерија и енцефалитис. Дакал соопшти дека владата пробува да ги упати медицинските екипи во оддалечените села за да се спречи ширењето на заразните болести.

Заменик - премиерот на Непал Бам Дев Гаутам вчера посети едно од поплавените подрачја и им наложи на локалните власти да им помогнат на загрозените.

 

Сезоната на монсуните во Непал и соседна Индија, која трае од јуни до септември, често е пропратена со поплави и свлечишта. На почетокот на август, во свлечиште во близина на Катманду кое однесе цело село загинаа 156 луѓе.

 

18.08.2014 - 10:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега