Усвоена студијата за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во источниот и западниот регион
Владата ја усвои физибилити студијата за склучување јавно-приватно партнерство (ЈПП) за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во источна и западна Македонија.
Како што информира денеска на прес-конференција вицепремиерот Владимир Пешевски, јавните повици ќе бидат објавени до крајот на идниот месец.
Со ова, практично, сите 80 општини во Македонија се приклучуваат кон системот кој треба да биде заокружен до 2020 година доколку се тече согласно предвидената динамика.
Вкупната инвестиција за дистрибутивната мрежа долга над 650 километри ќе биде 150 милиони евра од кои 100 за скопскиот регион за кој јавните повици се веќе објавени и 50 за другите два, источниот и западниот.
- Изградбата на националниот гасоводен систем и неговото поврзување со регионалните гаосоводни системи, како и изградбата на дистрибутивни системи за природен гас е еден од најзначајните владини проекти поради големиот број придобивки за државата. Природниот гас има широка примена, во домаќинствата, индустријата, сообраќајот, прозводството на електрична енергија и топлина, но е и еден од најевтините енергенси. Оттука, гасификацијата значително ќе го подобри стандардот на граѓаните, ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и позитивно ќе влијае врз атрактивноста на Македонија како инвестициска дестинација, истакна Пешевски.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, изградбата се очекува да трае четири години. Во источниот дел од земјава со мрежата ќе бидат опфатени 37 општини, додека во западниот 26. Времетраењето на ЈПП ќе биде 20 години, а минималниот годишен надоместок што треба да го плаќа концесионерот е еден процент.
- Инвеститорот или идниот концесионер ќе има обврска за изградба на примарна и секундарна дистрибутивна мрежа, инвестирање во терциерната мрежа, приклучоци до сите крајни потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација, дистрибуција на гас, управување и одржување на системот, како и набавка на целокупната опрема, посочи Јанакиески.
Наплатата на услугата ќе биде со мерење на испорачана топлинска енергија или количини гас по објект.
- Проектот гасификација е еден од приоритетните зашто ќе овозможи снабдување на домаќинствата, објектите од комерцијалниот и услужниот сектор, како и индустријата. Со обезбедување евтин енергенс ќе се овозможи поквалитетно загревање и ладење на јавните и комерцијалните објекти, намалување на увозните трошоци и заштеда на средства за граѓаните и компаниите, рече Јанакиески.
Откако потсети на принципот за склучување ЈПП, министерот за економија Беким Незири се осврна на конкретниот бенефит од снабдувањето со природен гас.
- Ако индивидуален станбен објект голем 240 метри квадратни премине од екстра лесно гориво на гас, заштедата би била 45 отсто. Кај јавните институции, пак, заштедата би била околу 24 проценти, укажа Незири.
Намалувањето на загадувањето, на оперативните трошоци за потребите од енергија и поголема енергетска ефикасност се исто така дел од придобивките на проектот.
Одговорајќи на новинарски прашања, Пешевски објасни дека независно од каде Македонија ќе се снабдува со гас, системот ќе може да го пренесе и дистрибуира. Ако до некоја општина нема гасоводен систем, ќе се користат декомпримирачки станици.
- Наша задача е да го подготвиме системот за сите сценарија. Така е и дизајниран проектот, независно од каде ќе доаѓа гасот, подвлече вицепремиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа