За 8 години невработеноста во Македонија намалена за 8 отсто

За 8 години невработеноста се намалила за речиси 8 проценти. Од 36 проценти на крајот од 2006-та, стапката на невработеност во првиот квартал од годинава се спушти на 28,4 проценти, историски најниска досега. Статистичарите регистрираат континуирано намалување на невработеноста, пишува Лидер.

Ако се анализираат податоците од Државниот завод за статистика, лиферувани низ годините, може да се заклучи дека стапката на невработеност периодично се зголемувала и намалувала. Убедливо највисоки стапки на невработеност во земјава се регистрирани во 2003-та, 2004-та и 2005-та година, во последните години од владеењето на СДСМ.

Според последните податоци на Статистика, а кои се однесуваат на првите три месеци од годинава, активното население брои 958.392 лица, од кои 686.277 се вработени, а 272.115 невработени.

Мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец. Активните мерки за вработување даваат резултати. Исто така, изминативе години влегоа неколку големи светски компании кои отворија нови работни места и придонесоа за намалување на невработеноста. Слободните економски зони почнаа да се полнат со инвеститори. Во Бунарџик со полна пареа работат гиганти од рангот на „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, „Кемет – електроникс“, „Ван Хул“, тука се „Текнохозе“ и „Продис“, а најавени се и нови инвестиции од компании кои доаѓаат од Турција и Италија. Во Жабени оперира гигантот “Кромберг и Шуберт“, во Кавадарци работи „Дрекселмајер“, а „Џонсон Контролс“ отвори нова фабрика во Штип, каде што наскоро ќе се позиционираат „Кумал“ и „Техникал текстил“. Странските инвеститори се шират низ земјава. КСС го одбра Кичево за производство на воздушни перничиња, додека „ОДВ Електрик“ веќе почна да испраќа работници од охридско – струшкиот регион на обуки во Украина. Само последниве две компании ќе отворат 2.000 работни места.

ИЗвор: Лидер.мк

15.08.2014 - 10:01
Фото: 
ЛИДЕР
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега