Нема простор за паника - Македонија ќе дејствува само превентивно против еболата
Од Министерството за здравство најавија дека нема потреба за голема паника поради еболата, затоа што спаѓаме во групата на земји кои што ниту имаат потенцијални или потврдени случаи на ебола ниту се граничат со земји во кои се регистрирани вакви случаи.
Од таму велат дека спаѓаме во групата за кои не се препорачува забрана на меѓународни патувања, освен да се почитуваат стандардните препораки за патување во земјите каде што веќе има случаи на ебола.
- Тоа значи избегнување контакт со заболено лице, контакт со диви животни (лилјаци, шумски антилопи, шимпанза). Отпечатени се и летоци со препораки за населението (на македонски, албански и на англиски јазик), кои се наменети за патниците на аеродромот „Александар Велики“, охридскиот аеродром и граничните премини и веќе е започнато делењето на летоците - велат од Министерството.
Се препорачува е да се почитуваат мерките за заштита на сите патници што патуваат во државите што се погодени од ебола или се под потенцијален ризик. За нас препорака е и да сме подготвени за детектирање и справување на случаите со ебола, што вклучува пристап до квалификувана дијагностичка лабораторија и капацитет да се справуваме со патници што доаѓаат од области заразени со ебола на меѓународните аеродроми или на граничните области.
- За таа цел на аеродромот „Александар Велики“ се поставува и термална камера, како дел од посебните превентивни мерки за заштита на населението, со која почнувајќи од утре наутро ќе се врши 24-часовен мониторинг за детектирање на лицата со покачена температура и други потенцијални симптоми. Исто така е подготвен протокол за постапување при појава на сомнителен случај. Се препорачува вршење мониторинг на лицата што биле изложени на ебола и биле во контакт со болно лице и во согласност со протоколот тие лица веднаш се изолираат и се следи нивната здравствена состојба - велат од Министерството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа