Само агресивните кучиња ќе носат маска!

 

Од Министерството за внатрешни работи го прифатија барањето на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ сопствениците да не бидат обврзани да им стават маска преку муцката на неагресивните, мирни и социјализирани кучиња.

Јавната дебата за тоа дали домашните миленици треба да носат заштитни маски доби поголемо значење и интензитет откога општината Аеродром истакна дека од почетокот на месецов ќе започне да ги казнува сите сопственици на домашни миленици што нема да им стават заштитни маски на кучињата.

- Дозволете да се согласиме со вас дека на носење маска треба да се инсистира само во случаи кога кучето е со непредвидлив или агресивен карактер и кога може да предизвика опасност по луѓето и другите животни. Во тој контекст би сакале да Ви укажеме дека наш приоритет ќе бидат предупредувањата и опомените, а не санкционирањето – одговорил помошник-министерот за односи со јавноста при МВР, Иво Kотевски на писмото од Здружението.

Од „Анима мунди“ искажуваат јавна благодарност до МВР, до министерката Јанкулоска и помошник-министерот Kотевски за разбирањето и поволниот одговор.

- Очекуваме дека по приложување на одговорот од МВР во Општина Аеродром и во полициската станица Аеродром ќе уследи корекција на Одлуката за задолжително носење маски на сите кучиња во општината, без каков било исклучок, односно дека ќе се овозможи шетање на мирните и неагресивните животни без маска, но со задолжителен надзор од нивните сопственици – велат во Здружението.

09.08.2014 - 12:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега