Разбиени демонстрантите во Истанбул - полицијата приморана да користи солзавец и водени топови
Турската полиција беше приморана да употреби водени топови и солзавец со цел да ги растера стотиците собрани демонстранти кои веќе четири дена протестираат против големиот градежен проект на главниот плоштад Таксим во Истанбул.
Неколкумина завршија со повреди на главите и веднаш беа префрлени во најблиската болница. При пад на едно градежно скеле беа повредени неколку демонстранти, кои истовремено се обидувале да ја избегнат полициската интервенција на плоштадот.
Градежните работи почнаа со изведба ноември минатата година, а Таксим се смета за традиционално место каде се одржуваат собири и протести, како и популарна туристичка дестинација.
Протестите беа организирани со цел да се спречи сечење на дрвата во паркот Гези на Таксим, каде е предвидена изградба на голем трговски центар.
Според критичарите проектот има за цел плоштадот да го претвори во уште една безживотна бетонска трговска зона за „правење профит“.
Протестите почнаа мирно во понеделникот и прераснаа во масовни демонстрации против владејачката исламистичка Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган.