Министерство за здравство: Мајката сама одлучува дали ќе го задржи своето бебе или ќе го абортира

 

За жал, повторно сме принудени да реагираме на уште една целосна дезинформација на јавноста во врска со предлог Законот за прекинување на бременоста, што произлегува или од целосно непознавање на постојниот Закон што ја регулира оваа област во споредба со предлог Законот, или, пак, од некои други мотиви што немаат ништо заедничко со правата на жените и слободата на избор.

 

Уште еднаш, во прилог ги наведуваме чекорите за прекинување на бременоста пред и по 10 недели од денот на зачетокот (истите се достапни и на официјалната страна на Министерството за здравство на Република Македонија – моh.gov.mk).

 

Целосно е невистинито тврдењето дека се воведуваат нови бирократски процедури - вистината е дека сите чекори за прекинување на бременоста пред и по 10-та недела од зачетокот во предлог Законот се идентични со постојниот Закон.

 

Единствено точно е дека процедурата се продолжува за само 3 дена, а тоа е задолжителното време на чекање од извршеното советување до прекинувањето на бременоста, кое што е одамна прифатена практика во најразвиените и најлибералните европски земји по ова прашање, така на пример, овој период во Германија, Унгарија, Латвија, Португалија е 3 дена, во Холандија е 5 дена, во Белгија е 6 дена, во Албанија, Франција, Руска Федерација е 7 дена, во Данска е до 14 дена. Задолжителниот период на чекање по советување во Македонија од 3 дена, е меѓу најкратките во Европа. Советувањето помага за самостојно и слободно одлучување на бремената жена, односно помага на жената одлуката што ќе ја донесе да не предизвика штетни последици по нејзиното здравје, без оглед дали ќе донесе одлука за прекинување на бременоста или за задржување на детето.

Повторуваме дека согласно предлог Законот, одлуката дали ќе го задржи детето или ќе ја прекине бременоста, е исклучиво слободна одлука на бремената жената.

Интегрален текст од реакција на Министерството за здравство.

најчитано сега