Роза Топузова Каревска: За бојкотот слушнав од Заев 2 минути по изборите
Првата пратеничка која и се спротистави на одлуката на Зоран Заев и на опозицијата за бојкот на Парламентот, Роза Топузова Каревска, а чија одлука за враќање во Собранието потоа ја следеа уште три пратенички, вели дека единствен нејзин приоритет во ситуацијата е да биде глас на опзоицијата и целата асвоја енергија ја постевтува кон професионалниот ангажман како Пратеник на граѓаните кои и го дале мандатот. За својата одлука не жали и смета дека е исправна.
-Во ова констелација кога Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ имаат 62 пратеника, кога заедно со ДУИ имаат двотретинско мнозинство, само политички аналфабет може да каже дека ние сме и потребни на власта. Свесна сум дека моето делување во Парламентот не може многу да промени, особено кога се во прашање суштински прашања за државата, но функцијата, пратеник, дава многу можности за институционално делување. Задоволна сум зошто неколку граѓани, кои не можат или не сакаат да се обратат до пратениците од мнозинството, ми се обратија за да им помогнам во решавање на проблемот со кој се соочени, вели Роза Топузова Каревска во интервјуто за Прес24.
Таа смета декам опозицијата има погрешна политичка платформа и тоа главната причина што ВМРО-ДПМНЕ е на власт и по осум години. На своја кожа го почувствува, токму она против кое опозицијата наводно се бори, а во суштина го спроведува како иста политика на власта. Хајките против нејзе и нејзиното семејство, се само дел од она со кое се соочи по одлуката да не го прифати бојкотот.
- Не може опозицијата да очекува дека ќе победи служејќи се со истите методи, кои ги критикува кај власта, ако велиме дека популизмот е одлика на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, не смее тој популизам да се замени со друг, ако Груевски владее автократски, тогаш опозицијата мора да понуди демократија, но пред се преку примери во своето однесување. Во концептот, и делувањето на опозицијата народот мора да препознае излез од безнадежноста, вели Топузова-Каревска за Прес24.
Таа во интервјуто зборува и за фукционирањето на засега четирите пратенички кои по ист принцип ги прифатија мандатите, но вели дека приоритет не е формирање пратеничка група. Најавува дека дел од амандманите за уставни измени ќе ги поддржи, дел се против нејзините политички убедувања, а за дел ќе ја чека и експертската анализа.
ПРЕС24: Бевте првата пратеничка по изборите која одлулчно реши да не ја почитува одлуката на опозицијата и не го врати мандатот. Времето подоцна покажа дека не бевте единствена, но дали од денешна дистанца времето покажа дека оваа одлука беше исправна?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Јас верувам во исправноста на мојата одлуката. Точно, времето ќе покаже дали е исправна, но се уште е рано, да почекаме да видиме што ќе се случува на политичката сцена, како ќе се надмине кризата.
ПРЕС24: Колку оваа одлука Ви донесе штета, а колку корист во политиката?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Ниту еден политичар не смее да размислува дали некоја одлука ќе му донесе корист во политиката, а уште помалку да размислува за корист од полититиката, напротив, пред с’е, мора да се размислува во корист на граѓаните, народот и Државата. Штета, пак, може да се мери само преку тоа, колкава и каква штета нашите одлуки им носат на граѓаните, верувам дека со оваа моја одлука не го правам тоа.
ПРЕС24: Ве прашувам затоа што опозициските медиуми и против Вас, но и против другите пратенички кои останаа во Парламентот, покренаа хајка, која се уште трае. Ве прогласија за “предавник на каузата”, па деновиве отидоа и дотаму да го вмешуваат Вашето семејство. Како ги коментирате овие состојби?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Да се биде предавник значи да се предаде некоја идеја, визија за иднината, да се предадат државните интереси, па и каузата. Јас во одлуката, на опозицијата, за напуштање на Парламентот не видов јасна стратегија и план за понатамошно делување, не видов идеја, визија.
Што се однесува пак до моето семејство, ќе Ве поправам, не овие денови туку од самиот почеток се соочив со груби шпекулаци и лаги дека мојот сопруг е назначен за директор на прилепската Болница. Сериозноста на еден медиум се цени според тоа колку проверени информации објавува, а шпекулациите и невистините го девалвираат, не мојот углед, туку угледот на медиумот. На дегутантната вест за мојата ќерка, која шест години живее и работи во Германија, во духот на нејзиното воспитување, сама да се бори во животот, таа веќе им одговори. Горда сум што ја имам,посакувам сите родители да имаат успешни деца како неа.
ПРЕС24: Мислите ли дека сите тие медиумски пишувања се диригирани од еден центар, во случајот од Бихаќка?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Слободата на говорот, мислењето и изразувањто се столб на демократијата, медиумите имаат клучна улога во креирањето на демократскиот амбиент во земјата поради тоа не смеат да дозволат да бидат диригирани или инструмент на било кој центар.
ПРЕС24: Ајде од днешна дистанца, кога страстите се посмирени, што беше пресудно за Вас да не го вратите мандатот?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Сметам дека местото на пратениците е во Собранието, битката за демократијата треба да се води во институциите на системот. Ако, пак, се посегне по радикални методи тогаш се подразбира враќање на сите мандати: на Градоначалниците, советниците, членовите на Комисиите избрани во Собранието... Ова не значи дека подржувам такви методи, но само така може да зборуваме за вонинституционално делување на опозицијата во борбата за целосно враќање на демократијата во земјата.
ПРЕС24: Колку според Вас одлуката на ЛДП да остане, условно кажано во заложништво на СДСМ, и носи штета, а колку корист?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: ЛДП никогаш не била, верувам, дека и нема да биде во заложништво, во случајот одлучи да го испочитува ставот на Заев соопштен, одненадеж, на 2 минути по завршувањето на изборите. Во ЛДП има исклучителни луѓе со политички сенс и искуство со јасни ставови и политичка визија за иднината на земјата, кои нема да дозволат партијата да биде било чиј заложник. Сметам дека ЛДП е силен политички субјект, партија која одолеа на многу поголеми предизвици и опстана на политичката сцена на Македонија.
ПРЕС24: Велите дека во изборите имаше нерегуларности, меѓутоа сепак се чини дека СДСМ и опозицијата како да бараше алиби за поразот кој беше извесен и пред изборите. Се зборуваше ли во коалицијата за време на изборната кампања дека може да се случи ваков исход, бојкот и непризнавање на изборните резултати?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: На низата нерегуларности укажаа и релевантните и домашни и странски институции, меѓу кои ОБСЕ и ОДИХР, кои го пратеа изборниот процес во земјата, но факт е, дека овие избори не беа ништо полоши од локалните во 2013 година, токму затоа бев изненадена од одлуката овој пат да не се признаат резултатите. Но, исто така, сите меѓународни институци, државници и политичари подржувачи и пријатели на нашата земја не го оправдаа неприфаќањето на мандатите и се уште ја повикуваат опзицијата да се врати во Парламемтот. Како што кажав за бојкотот разбрав како и сите граѓани на две минити по завршување на изборите.
ПРЕС24: Реално, ако се видат и резултатите, но и испитувањата на јавното мислење, а тоа впрочем не го негираше ниту Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ е во предност. Многумина аналитичари сметаат дека и по осум години на власт, единствена причина зошто опозицијата не успева да избори добар резултат е погрешната стратегија. Односно немањето концепт. Кој е вашиот став?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: По осум години, иако голем број на граѓани се незадоволни од власта се уште бројот на неопределените гласачи е значителен. За да ги привлечат овие гласачи, опозицијата мора да понуди јасна стратегија во борбата против власта, мора да има концепт во кој граѓаните ќе препознаат нешто ново, поразлично, нешто што им нуди надеж. Не може опозицијата да очекува дека ќе победи служејќи се со истите методи, кои ги критикува кај власта, ако велиме дека популизмот е одлика на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, не смее тој популизам да се замени со друг, ако Груевски владее автократски, тогаш опозицијата мора да понуди демократија, но пред се преку примери во своето однесување. Во концептот, и делувањето на опозицијата народот мора да препознае излез од безнадежноста.
ПРЕС24: Во моментов во Собранието сте четири пратенички кои по ист принцип го прифатија мандатот. Сите најавивте опозициско дејствување. Ви недостасува уште еден пратеник за пратеничка група. Можно ли е уште некој од листите на СДСМ да Ви се приклучи?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Сите пратенички своите одлуки ги донесоа самостојно, во ниту еден момент не сме разговарале за формирње на пратеничка група, тоа сега не е мој приоритет. Како што забележувате секојдневно сум во Собранието, сето мое искуство настојувам да го применам во работата, не можам да претпоставам како ќе се одвиваат работите во иднина.
ПРЕС24: Во меѓувреме власта и опозицијата отпочнаа едни преговори кои засега се безуспешни, пред се поради барањето за техничка влада. Кој е вашиот став во кој правец би се одвивале разговорите?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Сметам дека само преку дијалог може да се дојде до решение и за најгорливите проблеми. Очекувам во интерес на Државата кај двете страни да првладее разумот.
ПРЕС24: Интересен е податокот дека четворица пратеници на опозицијата и се спротивставја на одлуката за бојкот и сите четири се жени. За што се работи, дали жените политичарки се похрабри, или пак се поразумни?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Двете заедно, можеби само се работи за генетски код, на овие простори до минатиот век егзистирале традиционалните семејства, вистина мажот бил главата на семејството, но жената била столб, го воспитувала и подигала потомството . Нашите жени секогаш биле храбри, силни, одважни, разумни, решителни, истрајни. Во Македонија, не само во политиката, во сите области има многу успешни жени, време е на едно од трите клучни места во државата да биде жена, не само поради тоа што е жена, туку поради нејзините квалитети, како и чувството за толеранција и разбирање.
ПРЕС24: Реално досегашните Ваши акивности во Парламентот покажуваат дека сте опозициски настроени. Но, реално колкава е моќа на поединец, или на три или четири пратеници да бидат коректор на Власта?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: На Државата, на Парламентот, па и на власта им е потребна целосна опозиција и се разбира дека клучната улога ја има најголемата опозициска партија, токму поради тоа неиздржани се шпекулациите дека мене или останатите две пратенички ги купила ВМРО-ДПМНЕ. Во ова констелација кога Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ имаат 62 пратеника, кога заедно со ДУИ имаат двотретинско мнозинство, само политички аналфабет може да каже дека ние сме и потребни на власта. Свесна сум дека моето делување во Парламентот не може многу да промени, особено кога се во прашање суштински прашања за државата, но функцијата, пратеник, дава многу можности за институционално делување. Јас и во претходните мандати работев одговорно и посветено, директно учествував во изготвувањето на законот за Собранието со цел да се зајакне надзорната улога на пратениците над извршната власт, пратениците не само да ги носат законите туку и да ја следат нивната имплементација и што е најважно пратениците да бидат подостапни за оние кои им ја дале довербата. Задоволна сум зошто неколку граѓани, кои не можат или не сакаат да се обратат до пратениците од мнозинството, ми се обратија за да им помогнам во решавање на проблемот со кој се соочени
ПРЕС24: За уставните измени се изјаснивте воздржано. Како планирате понатаму да функционирате. Во собраниска процедура се серија закони, има ли некои од овие законски решениија кои би ги поддржале?
ТОПУЗОВА-КАРЕВСКА: Во принцип сум за секое суштинско прашање за државата да се даде можност јавно да се дебатира и немам ништо против да се отворат овие измени поготово што ова е прва фаза, следува гласањето за нацртот на Амандманите, а во третата фаза гласањето за секој амандман поединачно. Единствено искажав дилема зошто Уставот се отвара кога Парламентот не во полн состав и дебатата ќе се одвива токму во летниот период кога голем број на граѓани го користат одморот. Гласав воздржано затоа што дел од амандманите за мене се прифатливи и ќе ги поддржам. За некои сакам да ги слушнам дебатите и мислењата на експертската и стручната јавност за да донесам одлука, а некои се спротивни на моите убедувања и ќе гласам против. Што се однесува до Законите и во претходните мандати сум гласала за законски решенија кои биле од интерес на граѓаните. Да се биде опозиција не значи за се да се биде против.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа